Му се појавил духот на мајка му во моментот кога умирала, па се онесвестил – необична приказна откриена во кутија стара 239 години
Документите сведочат за тоа како аристократот Франсис Елд бил посетен од духот на својата почината мајка, Кетрин. Според записите, Елд бил во собата на својата ќерка во раните утрински часови на 29 март 1785, кога се појавило привидение. Тој почувствувал „потчукнување на рамото“ и видел „облак“ кој се претворил во ликот и гласот на неговата мајка.
Духот му рекол: „Не тагувај, мој сине, јас сум мртва, но среќна“.
Оваа бизарна случка наводно се случила во Сејгфорд Хол, близу Стафорд, а ракописот бил пронајден меѓу други правни документи.
Џим Спенсер, директор во „Rare Book Auctions“, Личфилд, Стафордшир, го открил ракописот додека проценувал стари документи. Тој изјавил: „Беше доста чудно да ги најдам овие записи токму пред Ноќта на вештерките. Кога го забележав зборот „посета“, веднаш бев заинтригиран“.
Записите сведочат дека Елд не знаел за смртта на својата мајка, која во тоа време била во Сари. Следното утро, тој испратил слуга по писмото од поштенската станица во Стафорд, кое велело дека неговата мајка била „добро“ два дена пред посетата. Меѓутоа, на 1 април, Елд добил писмо со вест дека неговата мајка починала точно во времето на привидението. Ова сознание го шокирало толку што се онесвестил.
На погребот, Елд му ја раскажал оваа мистериозна случка на својот татко, што го вознемирило. Ракописот е придружен со писма меѓу свештеници кои ја дискутирале „оваа многу необична случка“.
Документите ќе се продаваат на аукција во ноември и се проценуваат на сума од 500 до 800 долари, но се очекува да достигнат и повисока цена.
Коментирај анонимно