Научниците ја открија вистината за чашата на „светиот грал“ пронајдена на познатата локација од филмот „Индијана Џонс“

Токму како откритие од научно-фантастичен филм, археолозите открија „свет грал“- чаша, која била најдена заедно со 12 човечки скелети на истото место во Јордан каде што е сниман филмот „Индијана Џонс и последниот крстоносен поход“. Меѓутоа, оваа чаша не нуди бесмртност – тоа е обичен антички сад за пиење користен од Набатејците, древен народ кој живеел во Петра, Јордан.

 

 

 

„Тоа е скромен бокал, а не чашата која на пијачот му нуди вечен живот“, вели археологот Клер Изабела Гилмор во текст за „The Conversation“, нагласувајќи дека чашата не е библиски артефакт. Керамичниот предмет е ископан во август, заедно со човечките скелети и други артефакти во 2.000 години старата гробница под познатиот храм Ал-Хазне во Петра, Јордан. Овие револуционерни откритија се дело на д-р Пирс Пол Крисман од Американскиот центар за истражување (ACOR), во соработка со Џош Гејтс од „Discovery Channel“.

 

 

 

Чашата, која визуелно потсетува на онаа од филмот на Спилберг, првично била најдена во раката на еден од скелетите, предизвикувајќи асоцијации на „тајната вечера“. Но, експертите откриваат дека ова е пример на типична набатејска керамика – фина и тенка околу 1,5 мм што укажува дека била наменета за церемонијални цели. Овој тип керамика е често украсен со цветни и геометриски мотиви, одразувајќи го значењето на Петра како важна трговска раскрсница.

 

 

Истражувачите веруваат дека откритието има врска со начинот на живот на набатејските благородници. Гробницата со 12 скелети, сместена на главниот влез кон Петра, укажува дека станува збор за важни личности, можеби дел од набатејската елита.

„Ова може да е најголемото откритие на човечки остатоци на едно место во Петра” изјави Гејтс за CNN. Тие исто така се надеваат дека садовите и седиментите ќе помогнат за точно датирање на конструкцијата на познатата гробница.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *