Интервју со поранашен вработен на брод: Битолчанецот Теодор Кузман ни ја открива вистината за животот и работата на брод
Во ова интервју, наш соговорник е Теодор Кузман, човек со исклучително богат животен пат и едноставна мудрост. Потекнува од Битола, каде на само 12 години го започнал својот пат во градежништвото – индустрија која му донела многу искуства, но и умор. Во потрага по нови предизвици и можност за стабилност, тој заминал да работи на брод за крстарење. Овој избор го одвел на далечни дестинации, како Бора Бора, и му овозможил единствено животно искуство – да ги осознае луѓето од сите страни на светот и да биде сведок на неизмерна животна разноликост. А сега сето тоа искуство го преточи во книгата „Дневникот на еден морепловец“ која неодамна ја доживеа својата промоција во Битола.
Зошто се одлучи за работа на брод за крстарење?
Во градежништвото поминав 11 години (почнав на 12) и таа работа едноставно ме умори. Лето беше, 50 степени беше, а јас ‘горев’ под сонцето тие 3 месеци додека сите мои пријатели беа некаде на одмор. Плус, некој ќе платеше откако работата ќе беше завршена, а некој ќе платеше следниот понеделник. Или следниот петок.
Твојата работна позиција и колку време работеше на брод?
Работев на базен речиси 6 години, се до април 2020. Во тој период бев дел од почетниот тим на брод кој своето прво крстарење требаше да го има за само неколку дена, но на вирусот не му беше гајле за тој голем настан. Откако стана јасно дека короната не е облак кој ќе помини, скоро цел екипаж беше пратен дома.
Омилена дестинација и држава што си ја посетил?
Омилена дестинација Бора Бора. А омилена држава Италија. Според мене тоа не е држава тоа е друга планета.
Колку патници отпоздравуваше на дневна основа, додека работеше на брод?
Моја проценка е дека се работеше за 300-400 луѓе. Љубезноста и добрата услуга се основата на индустријата за крстарење, па отпоздравување на патниците и краток разговор со нив беше во описот на работното место.
Најчесто користени зборови од речникот на вработените на брод, и нивно значење?
‘Мамагајо’ е еден од зборовите кои вработените на брод ги користат најчесто, и означува член на екипажот кој дел од времето на должност го поминува во кабината или криејќи се некаде. ‘Мамагајо’ обично се користи како шега.
Велат дека вработените на брод се и „психотерапевти“ за патниците. Според тебе после која работна позиција на брод би бил најдобар психотерапевт?
Секој еден кој е во контакт со патници. Секогаш се наоѓа патник кој ќе ти ја раскажи својата животна приказна, своите проблеми и други работи кои не би требало да бидат споделени. Со текот на времето стануваш психотерапевт без диплома.
Најзасрамувачкиот момент во твојата бродска кариера?
Бришејќи со џогер истурен пијалак на отворената палуба која беше преполна со луѓе, патниците ја забележаа страста со која го правев тоа, па почнаа да навиваат а јас немав друг избор освен да танцувам на Moonwalk od Мајкл Џексон која одеше во позадина.
Дали имаше правила на бродот кои ги прекршуваше?
Сите можни. Користење на противпожарната прскалка во кабината како закачалка, јадење во кујните додека бев на должност, отворање на водоотпорните врати без дозвола од ‘мостот,’ гледање претстави во театарот иако тоа беше забрането, пренесување на алкохол од едно до друго место (претежно од барот на базенот до мојата кабина), подмитување на други вработени за услуги кои не ми следуваа……. Неколку пати бев на прагот да ја изгубам работата поради тоа, но сите останати го правеа истото па поминував само со писмени опомени.
Прашање од патник кое те оставило без зборови?
„Дали живееш на бродот?“
Поплака од патник која те оставила без зборови?
Тешко е да се одбере една, па би ги издвоил сите поплаки околу временските услови.
Дали некогаш си бил во недоумица околу тоа дали бродот се лула или ти си под дејство на алкохол?
Да.
Дали со колегите имавте прекари еден за друг? Кој би го издвоил?
Да, секако. Би издвоил колега од Филипини кој имаше кратки нозе, па го викав ‘Лагата’.
Најголем кикс во твојата бродска кариера?
Во една прилика, враќајќи се на бродот заборавив да ја ‘чукнам’ картичката на безбедносниот уред. Во гужвата обезбедувањето не го забележа тоа, па според системот сеуште бев надвор. Еден час подоцна, бев заспан кога бродот се подготвуваше да го напушти пристаништето, па не ги слушнав неколкуте повици на моето име преку разгласот. Ме разбуди шефот на обезбедувањето, и си добив добра лекција поради хаосот што го предизвикав.
Најголем кикс на бродот од страна на колега?
Не баш мој колега, но тој е апсолутен шампион во оваа категорија. На сред карипско море, капетанот по грешка го активира алармот за напуштање на бродот. Општа паника и трајни последици по менталното здравје.
Дали двата месеци одмор до следното качување на брод беа предизвик да се преживеат финансиски?
Да. За време на тие двомесечни одмори градев куќа, а кој градел куќа знае дека тоа е дупка без дно.
Која јавна личност во светски рамки би била добар вработен на брод?
Џенифер Лопез. Гледајќи ја на филм облечена во униформа на хигиеничарка имам паднато од стол.
Кое животно посакуваше да го имаш за милениче на бродот, доколку тоа беше дозволено?
Желка. Како баланс на брзиот бродски живот.
Ако твојот црн дроб можеше да зборува, што би ти кажал за времето поминато на брод?
Веројатно би ми се обратил со зборовите „Твоето тело е твој храм. А ти не изгледаше нешто загрижен за твојот храм”.
Ако твојата кичма можеше да зборува, што би кажала за времето поминато на брод?
Мислам дека би оставилa тишината да зборува.
Отказ или отпуштање на вработен на кој се смееш и денес?
Паметам келнер на бродот на кој се му беше дојдено преку глава. Од неговиот претпоставен, до претпоставениот на неговиот претпоставен и патниците кои имаа навика да изедат се и на крај да се жалат дека храната била катастрофа. Наместо да дава сам отказ и да плаќа авионска карта до дома, тој внесе риболовна опрема на бродот, и на ден кога отворената палуба беше преполна со патници тргна да фаќа риби. Истиот ден беше отпуштен (со бесплатен авионски билет во рака), но штетата веќе беше направена. Додека дојде обезбедувањето, стотици патници веќе го имаа сликано и снимано. Вработен на една од најлуксузните линии за крстарење слободното време го користи да фаќа риби од преполната отворена палуба. Каков епски срам.
Како функционираа љубовните врски на бродот?
Што се однесува до врските, не се знаеше кој јаде а кој плаќа. Народски кажано.
На која финта фаќаше девојки на бродот?
Бев многу директен. И среќен што не ме избркаа поради тоа.
Најдоброто место во бродската кабина за да се сокрие партнерка? Имаше ли воопшто место во кабината?
Големината на најголем дел од кабините за екипажот е 5-7 квадратни метри. Тешко е ако не си магионичар.
Кој е твојот пример за ‘тешко дојдоа лесно заминаа’ пари на бродот?
Работам (секој божји ден) по 11 часа на базен плус 3 часа дополнителна работа, и после тоа се конектирам на бродскиот интернет кој чини 12 долари за час.
Која комбинација на јадења што си ја забележал во ресторанот на екипажот најмногу те шокирала?
Најмногу ме шокирал колега од Хаити кој млекото го пиеше со сол и шеќер истовремено. Можеби затоа што тоа беше првпат да се соочам со, за мене, таква чудна комбинација. Сигурно имаше и други многу поекстремни случаи, ама после млекото се навикнав и си терав.
Приказна што би ја издвоил од твоите 6 години работа на брод?
Во една прилика, покрај базенот најдов пенкало во многу лоша состојба. Сакав да го фрлам, но сепак се одлучив да го тргнам на страна и пред крајот на смената да го однесам во одделот ‘изгубено-најдено’ на рецепција. Неколку часа подоцна, повозрасна двојка дојде да си го побара пенкалото со кое го потпишале својот брак 30 години претходно.
Дали работата на брод би им ја препорачал на другите?
Да, но само на неколку години. Се друго е преголема жртва и компромис со животот.
Кој би бил насловот на твојата автобиографија?
Нема да има автобиографија. Повеќе од доволно ‘валкани алишта’ имам изнесено во „Дневникот на еден морепловец“.
Твојата инспирација за пораката на задната корица на книгата?
Ненадејната загуба на мојот татко беше мојот поттик да ја напишам таа порака. Младите луѓе мора да сфатат дека патиките од 200 долари се најголемата лажна потреба на која социјалните мрежи ги имаат навикнато. Животот е непредвидлив, а најскапоценото нешто што еден човек го има е семејството.
Неодамна книгата ја доживеа својата промоција во Битола. Беше навистина невообичаена промоција бидејќи се одржа во „Бутик за Алкохол – Гермит“. Зошто се одлучи за таму?
Главна цел на невообичаената промоција е подигнување на свеста за проблемите со кои се соочуваат македонските автори. Во книжарницата во која првично отидов ми кажаа дека престанале да продаваат книги од македонски автори а со тоа немало смисла во неговата книжарница да се прави промоција на македонска книга. Верувајќи дека сум тропнал на погрешна врата, првично сакав да продолжам да барам, но….. “Пријателе, одамна не си излегол од матрицата, а и овај шамар ти е добар знак. Промоцијата не мора да биде во книжарница, не мора да биде на правоаголна маса со бел чаршав, и не мора да се чувствуваш непријатно во сопственото одело тој еден час,” ми кажа внатрешниот глас, а јас продолжив кон следниот објект на патот, „Бутик за Алкохол – Гермит“. Таму, за среќа наидов на разбирање од сопствениците, кои, имам впечаток дека повеќе од почит кон мојот труд ми дозволија промоцијата да ја направам во нивната продавница.
Каде може да се купи книгата?
Книгата може да се купи на lavirint.mk по симболична цена и со бесплатна достава.
Jas sakam da naracam od ovaa kniga na poslednata slika sto e desno so broj XV.
Mnogu sodrzajna bila vikaat.
Ја нарачав книгата и ја добив во рекордно време, таман лесна литература за викенд…
Коментирај анонимно