Што чувствуваат татковците кога за прв ќе го запознаат своето новородено бебе?

Корисникот на „X“, Џошуа Лелон неодамна сподели слика од порака што ја добил од негов пријател по раѓањето на неговиот син, кој се обидел да му го опише чувството во тој момент:

„Знаеш кога некој што го сакаш ќе почине, првично не ти се верува, но потоа почнуваш да размислуваш за сите работи што повеќе нема да можеш да ги правиш со него? Ова е спротивно од тоа чувство. Неверојатно е“.

 

 

 

Совршен опис на чувството на добивање нешто сосема ново, нешто што не постоело во светот пред тој момент. Овие зборови длабоко ги трогнаа родителите, а цитатот беше прегледан над 1,5 милион пати, инспирирајќи илјадници коментари и споделувања на платформата „X“.

Што всушност стои зад ова моќно чувство кога ќе го видите или прегрнете своето бебе првпат? Покрај емоциите како среќа, возбуда, страв и благодарност, во нашиот мозок и тело се случуваат значајни промени.

„Мозокот е преплавен со окситоцин (наречен и „хормон на љубовта“ ), допамин и ендорфини, кои создаваат чувство на љубов и поврзаност“, објаснува д-р Џенифер Силвер.

Окситоцинот се поврзува со љубов, доверба и удобност; допаминот ни предизвикува задоволство, а ендорфините ги регулираат стресот и расположението. Оваа „коктел“ мешавина создава моќно чувство на поврзаност што ретко се доживува при запознавање на нови луѓе.

„Кај новите родители се менуваат деловите од мозокот поврзани со емпатија и грижа, што доведува до голема промена во перспективата“, додава Силвер. Ова може да се случи веднаш или постепено.

 

 

Но, нормално е некои родители да не го почувствуваат тој налет на емоции веднаш. Американскиот колеџ за акушерство и гинекологија објаснува дека за многу родители, чувството на безусловна љубов и поврзаност со новороденчето се развива со текот на времето. Понекогаш, тоа се случува полека во текот на првата година на детето. Ако, пак, некој чувствува недостиг на блискост или длабоки негативни емоции, тогаш можеби станува збор за постпородилна депресија. Но, недостатокот на силни чувства веднаш по раѓањето не е знак за оваа состојба.

За оние кои го чекаат чувството на поврзаност, стручњаците препорачуваат контакт кожа-на-кожа, гледање во очи и често комуницирање со бебето како начини за развој на врската. Без оглед на тоа дали сте почувствувале почетен емоционален налет или не, пред вас е живот полн со убави моменти и спомени на коишто вреди да се радувате.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *