„Направив грев. Морам да се истуширам!“ – Урнебесни и искрени доживувања од „Дневникот на еден морепловец“ на битолчанецот Теодор Кузман
Секојдневието на крстарењето е исполнето со многу неизвесности, моменти на радост и предизвици, а сето тоа Теодор Кузман го доловува во својата инспиративна и несекојдневна исповед – Дневникот на еден морепловец. Во оваа книга, читателите добиваат можност да ѕирнат во светот на животот на море, меѓу различни култури, егзотични места и разни ситуации, раскажани со хумор и искреност. Ова е совршено четиво за оние кои копнеат за промени, авантури и нови спознанија за себе и за светот.
Во прилог, ви пренесуваме дел од дневникот на Теодор – три интересни денови на бродот, кои ви овозможуваат да почувствувате мал дел од животот кој го избрал. Доколку ве привлече оваа авантура, книгата можете да ја нарачате со клик на книата, а доставата е бесплатна.
7 декември
Атмосферата на отворената палуба утрово беше одлична и патниците уживаа во убавото време со неколку стотици облаци на небото кои ги штитеа од изгореници. До пладне, базенот беше полн со луѓе, но времето се промени еден час подоцна кога почна да врне силен дожд. Речиси сите патници ја напуштија палубата со брзина на светлината, а само неколку останаа очигледно уживајќи на дождот. Со мокрите патики како единствена грижа, можам да кажам дека и јас уживав во туширањето, но штом почнав да ги собирам крпите ми пријде физички убав пар и се обиде да ме натера да се чувствувам виновен за времето. Тие беа различни карактери, и додека жената беше прилично гласна, мажот изгледаше прилично засрамен. „Ова е неприфатливо. Ова крстарење го резервиравме откако видовме реклама на телевизија, а на неа времето беше прекрасно и без ниту еден облак. Ова не е тоа за што плативме со нашите тешко заработени пари. Сега ќе одам на рецепција!“- викаше таа. Стоејќи тивок на дождот неколку секунди, се потсетив на моето блиско и не толку блиско семејство како ме охрабруваа да најдам сопруга. „Што ако се оженам со ваква жена?!“ – беше единствената мисла што ја имав во тој момент. По неколку секунди тишина, им кажав колку ми е жал за дождот и изразив надеж дека наскоро повторно ќе изгрее сонце бидејќи сме на Карибите, каде врнежите се ретки и обично траат само неколку минути.
Моето минато работно искуство е сосема поразлично од ова сега. Претходно работев во група од само неколку луѓе, кои не само што немаа драматични поплаки, туку во една ситуација колега целосно си го отсече показалецот на левата рака со електрична пила, и го фрли на куче бидејќи беше премногу зафатен за да отиде да му го сошијат во болница. Сега се соочувам со големи групи и секакви можни видови луѓе. Тешко ми е да разберам некои од нив, па ќе морам да најдам и читам кога ќе можам, книги, кои се однесуваат на човечката психологија. Можеби ќе ми треба повеќе време, но вршењето само на мојата работа овде не е доволно.
21 април
По седум дена пловење, денес конечно стигнавме на копно. Нашето прво пристаниште во Европа беше Фуншал, Португалија, кој е главен град на архипелагот Мадеира, и најживиот и најживописниот град во кој сум бил. Фуншал е место кое го посетуваме само еднаш во оваа европска сезона, па за време на попладневната пауза излеговме надвор и прво отидовме до стариот град со прекрасна архитектура, тесни улици со калдрма и обоени врати наоколу.
По кратката прошетка, купивме билети за жичарницата која води до Монте, од каде што имавме фантастичен поглед на Фуншал. Таму ја посетивме и тропската градина Монте Палас, која е дом на околу 100.000 видови дрвја, растенија и цвеќиња од целиот свет. Во градината има и мали мостови, фонтани, водопади и музеј со над 1.000 скулптури.
На враќање, земавме санка во вид на крошна и уживавме во двата километри возење по улиците на Монте водено од две лица кои ја туркаа и влечеа санката. И покрај тоа што беше скапо, искуството беше фантастично и ме потсети на детството кога го правев истото со моите другари. Крајната точка на ова возење беше пред кафулето Тобоган, каде што се напивме од традиционалниот пијалак на Мадеира, Понча, коктел направен од рум од шеќерна трска, мед и сок од лимон. Уживавме во нашиот ден, но паузата истекуваше, па по пијачката со такси се вративме на бродот.
Сè уште е пролет во Европа и отворената палуба е празна, па назад во секцијата продолжив со генералното чистење.
Денешниот ден требаше да биде посебен за мојата девојка, која утрово се разбуди на седмо небо, или како и да го нарекуваат тоа чувство. Но, ништо од тој момент не беше според очекувањата. А како би било според очекувањата, кога таа утрово дојде со својата цимерка да ме праша дали би сакал да резервирам маса за четворица. „Тоа би било одлично.“- реков немајќи друг избор, и една солза се истркала од моето лево око. Тоа што требаше да биде романтична вечера за нас двајца се претвори во вечера со пријателите. И тоа беше само почеток, бидејќи мојот касмет имаше уште едно изненадување за мене денес.
Откако набрзина ги исчистив кабините на едночасовната вечерна пауза, во мојата секција продолжив до 20:30 часот (секој што имаше резервирано вечерва имаше и дозвола од шефот на одделението да се одјави половина час порано), и пред девет, веќе бевме на пат кон ресторанот.
Облечени во нашите најдобри комбинации, хостесата нè седна на убава маса, а ние веднаш почнавме да го истражуваме менито кое беше преполно со опции што само делумно ги разбиравме. Kелнерот дојде неколку минути подоцна и, играјќи на сигурно, јас нарачав говедско месо со нешто, а другото момче нарача пилешко со нешто. Порачаа и девојките, а додека ја чекавме храната момчето од Маурициус ни кажуваше за неговата религија, колку е посветен на неа и зошто не јаде говедско месо (во Хиндуизмот било забрането). Веднаш откако момчето го заврши монологот, келнерот ни ги донесе чиниите, а ние скокнавме на храната како да сме гладувале една недела – нула манири! Со нетрпение очекував да пробам храна која е различна од таа што ја добиваме во мензата, но пред да кажам добар апетит, момчето од Маурициус почна да се поти откако веќе го имаше пробано месото. „Ми дадоа говедско месо.“ – рече тој, а откако го пробав моето, потврдив дека пилешкото е кај мене. Келнерот ги имаше заменето чиниите прекриени со сос, поради што не ја забележавме навреме неговата грешка. „Направив грев. Морам да се истуширам!“ – рече тој и истрча од ресторанот. Гледајќи дека нешто се случува, на нашата маса дојдоа помошникот келнер, келнерот и шефот на ресторанот, и се извинија за непријатностите. Дечкото од Маурициус се врати по околу половина час, па тројката повторно дојде да се извини за грешката и да ни каже дека не треба да платиме ништо за вечерата. Ги почитувам религиозните убедувања на типот и жал ми е за тоа што му се случи, но ако резервираше посебна маса за себе и за девојка му, за 50 проценти ќе ги намалеше шансите да добие погрешно јадење. А и јас ќе платив за мојата девојка и ќе го намалев притисокот врз мене.
25 јуни
Денешниот ден го поминавме на отворено море патувајќи кон Чивитавекија, каде што утре ќе се одјавам. И каков последен ден од договорот беше ова!
Во моите очи, фотографите се едни од најголемите жртви меѓу целиот екипаж на бродот. Тие не работат директно за нашата линија за крстарење, туку за друга компанија која закупува простор на бродот, и нивната плата е прилично ниска додека имаат висока норма за бројот на фотографии што треба да ги направат во текот на денот. И сите направени фотографии мора да бидат од патници, а не од прекрасниот брод или фантастичните пристаништа. Не се брои ниту ексклузивна фотографија од два инсекти фатени во кучешка поза.
Утрово, бев во близина на пар што ги фотографираше мирните води, кога еден од фотографите им се приближи премногу и ги повика да се свртат. Следниот момент, со палубата завладеа непријатна тишина. Исплашена од потегот на фотографот, жената го испушти телефонот во вода и седна на лежалка со скрстени раце на главата. Не обвинувајќи го момчето кое се извинуваше, по пет минути во таа положба жената си замина со сопругот. Откако ја видов патничката како несебично ги храни морските животни со својот телефон, непосредно пред попладневната пауза ми се случи уште еден, овој пат очекуван шок, кога ги добив оценките за овој договор.
Вкупен резултат – три од пет. И покрај тоа што работев како компанијата да му припаѓа на татко ми, имам понизок резултат од кој било друг колега што го напушти базенот во овие осум месеци. Да, бев на боледување едно цело крстарење, но официјално имав болки во грбот, и прилично сум сигурен дека и да не го направев тоа ќе ги добиев истите оценки.
Пред да започнеме со багажот во вечерните часови, се сретнав со луѓето на кои им ги чистев кабините и тие ми платија за ова крстарење. Задоволни од тоа како ја завршив мојата работа, некои од нив ми дадоа и чоколади и пораки со благодарност.
Откако вечерва бев порано ослободен од должност, го однесов куферот на безбедносна проверка и отидов директно во барот во потрага по таканаречениот ‘с*кс на заминување’. Таму испив едно пиво, се запознав со една девојка, и по неколку минути танцување, завршивме во мојот кревет. Имав доста работа, но можам да кажам дека тоа беше можеби с*ксот на мојот живот.
Коментирај анонимно