Добитничка на лотарија ја раскажува апсолутната агонија што ја доживеала по нејзината добивка – „Куќата ни изгоре, се разведовме со мажот, останав без цент“
Лара Грифитс ја раскажува „апсолутната агонија“ што ја доживеала откако нејзината добивка од лотаријата се претворила во кошмар. Таа и нејзиниот тогашен сопруг Роџер живееле скромен живот во Западен Јоркшир кога освоиле 1,8 милиони фунти (2,1 милиони евра).
Но, нивниот сон брзо се претворил во трагедија, со катастрофален пожар и горчлив развод што ги оставил без никакви средства. „Воопшто немаше здрав разум во тоа време. Дури и не се сеќавам на разговор со Роџер за тоа како да се справиме со парите – само паметам дека имаше многу паника и апсурд,“ вели Лара, која сега има 54 години.
Парот, кој се венчал во 1997 година по запознавањето на универзитет, го освоил џекпотот во октомври 2005 година. Тогаш Лара предавала сценски уметности, а Роџер работел како ИТ-менаџер, додека нивната ќерка Руби била само мало дете.
Тие станаа првите добитници на интернет-лотарија, добивајќи е-пошта во средината на ноќта со навестување за „возбудливи вести“ за нивниот билет. „Беше околу 2.30 часот кога Роџер ме повика горе да го видам екранот на компјутерот, кој покажуваше дека нашето салдо изнесува 1,8 милиони фунти,“ се присетува Лара.
Иако првично мислеле дека е измама, нивната добивка ја потврдил операторот на Националната лотарија и одлучиле јавно да ја споделат својата приказна, пренесува „Mirror“.
Тогаш почнале да го живеат животот на висока нога, трошеле пари без план. Ги напуштиле своите работни места, патувале во луксузни дестинации како Дубаи, Флорида и Франција, купиле салон за убавина за 180.000 евра и се преселиле во елегантна куќа вредна 540.000 евра.
Но, среќата им се свртела. Во декември 2010 година, се случила катастрофа – нивната луксузна куќа изгорела.
„Имавме катастрофален пожар во куќата,“ раскажува Лара. „Целата куќа изгоре додека бев на работа, а Роџер, двете деца и кучињата беа внатре. Беше вистински кошмар – изгубивме сѐ. Немавме ни облека да носиме. Куќата гореше три дена.“
По пожарот, семејството осум месеци живеело во хотели и кај мајката на Лара додека куќата била обновувана. Причината за пожарот, кој започнал во пералната, останува мистерија и по истрагата. „Никој не беше повреден, но мојата ќерка Кити сѐ уште има посттрауматски стрес од пожарот,“ споделува Лара.
Во јули 2011 година се вратиле во својот дом, но проблемите на Лара не завршиле – нејзиниот брак со Роџер се распаднал само неколку месеци подоцна. Следните две години ги опишува како „апсолутен пекол“, балансирајќи помеѓу мајчинството и тагата.
Кога разводот бил финализиран во декември 2013 година, тие останале без пари.
„Морав да ја продадам куќата, морав да го продадам бизнисот, а потоа и сѐ што поседував,“ признава таа. „Беше целосна катастрофа. Навистина ужасно. Имам Кронова болест – тогаш тежев само 38 килограми. Но, се трудев децата да бидат среќни и да не го изгубам разумот.“
Без друга опција, Лара морала да зависи од финансиската поддршка од својата мајка цела година.
Сега, таа сѐ уште живее со својата мајка и со своите ќерки Руби (20) и Кити (17). И покрај сѐ што ѝ се случило по освојувањето на лотаријата, Лара останува оптимист: „Го сакам својот живот сега. Добро, поминав низ многу тешки моменти, но не жалам што добив. Жал ми е што веќе ги немам парите, но имам план како повторно да ги стекнам.“
Доколку сакате добра акција или пак забегани и жестоки случки само за најхрабрите читатели, тогаш посетете го каналот Жестоко. Предупредување: Содржините може да ве вознемират!
Коментирај анонимно