Научници дојдоа до психоделично откритие во антички египетски артефакт користен за „магични ритуали“

Истражувачи кои се занимаваат со историјата на античкиот Египет открија изненадувачки детали за артефакт стар 2.000 години, кој стоел во музеј повеќе од четири децении.

 

 

 

Ова рачно изработено грне, донирано во Музејот на уметноста во Тампа во 1984 година, било создадено пред раѓањето на Исус Христос и го прикажува египетскиот бог Бес – симбол на радост, плодност и заштита на домот. Долго време стручњаците не знаеле за што се користело, но ново научно истражување можеби конечно ја откри неговата цел.

Според извештајот објавен во Scientific Reports, современите хемиски анализи на остатоците од артефактот покажале присуство на психоделични супстанции. Особено биле идентификувани траги од растението peganum harmala, чијшто семиња предизвикуваат халуцинации и визии, како и египетскиот лотос, кој бил користен како благ седатив за создавање краткотрајна еуфорија.

 

 

Освен психоактивните супстанции, биле пронајдени и траги од сладок корен, грозје, сусам, борови јатки, мед и алкохол. Претходни истражувања откриле и присуство на крв и други телесни течности во грнето, што се смета дека имале симболично или ритуално значење.

„Протеините од крв, вагинална слуз и можеби мајчино млеко упатуваат на силна симболика, потенцирајќи теми како живот, плодност и регенерација,“ изјавил коавторот Енрико Греко, хемичар од Универзитетот во Триест, Италија.

Според археологот Давиде Танаси од Универзитетот на Јужна Флорида, грнето најверојатно било користено за „ритуали на инкубација“ – практики каде што луѓето спиеле со надеж дека боговите ќе ги посетат во соништата и ќе ги излекуваат. Слични ритуали постоеле и во грчкиот култ на богот на медицината, Асклепиј.

Истражувачите сега планираат да продолжат со анализа на артефактот за да утврдат дали има универзален рецепт што се користел во ваквите ритуали.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *