Дали е навистина конечно откриен гробот на Дедо Мраз? По 1600 години археолозите во Турција направија значајно откритие

Археолозите во Турција открија саркофаг за кој се верува дека му припаѓа на оригиналниот Свети Никола, инспирацијата за популарниот лик на Дедо Мраз. Саркофагот е пронајден во црквата Свети Никола во Демре, Анталија, која е предмет на археолошки истражувања од 1989 година. Се смета дека токму ова место е последното почивалиште на Свети Никола од Мира, кој починал во 343 година.

 

 

 

Свети Никола бил познат по својата добрина и помошта што ја давал на сиромашните, често оставајќи подароци и монети во обувките на луѓето. Неговите дела инспирирале културни фигури како Дедо Мраз и холандскиот Синтерклаас.

Историјата вели дека Свети Никола бил погребан на местото на неговата црква, а подоцна, во чест на неговото наследство, византискиот цар Теодосиј II изградил поголема црква. Неговите остатоци биле префрлени во саркофаг во новата црква.

 

 

 

Во текот на вековите, останките на Свети Никола биле мета на крадци. Италијански морнари ги украле неговите коски во 1087 година, а други делови од остатоците биле однесени за време на Крстоносните војни. Некои коски се зачувани во италијанските градови Бари и Венеција, но нема целосна потврда дека тие му припаѓаат нему.

Сега, во 2024 година, истражувачите предводени од доцентката Ебру Фатма Финдик од Универзитетот Хатај Мустафа Кемал открија варовнички саркофаг во двокатниот анекс на црквата. Финдик изјави дека оваа локација можеби е сакралното подрачје споменато во историските извори.

 

 

„Најдениот саркофаг близу црквата, која се смета дека го содржи неговиот гроб, може да укажува дека ова е сакралната област што ја баравме“, изјави таа.

Во моментов е откриен само капакот на саркофагот, додека тимот продолжува да бара натписи или други докази кои би ја потврдиле автентичноста на гробницата. Очекувањата се дека повеќе детали ќе бидат објавени во наредната година.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *