Човек ја тужел компанијата за бричеви затоа што се исекол додека се бричел и добил оштета од 6.250 долари
Ник Силверторн (48) купил брич од супермаркетот во неговото соседство. Но, кога го користел за прв пат дома, тој си ги исекол двата образи.
Ник открил дека едно од сечилата на бричот било откачено и заклучил дека бричот е дефектен.
Наместо да го прифати инцидентот како обична несреќа, решил да ја тужи компанијата производител.
Неверојатно, тој добил вонсудска спогодба против еден од најголемите светски производители на бричеви – Wilkinson Sword.
Ник од Лондон изјави: „Ова не беше обична посекотина од бричење. Ми ја пресече кожата. Крварев повеќе од дваесет минути. Презедов акција за да ги заштитам другите, бидејќи можеби нема да имаат истата среќа како мене. Ова беше сериозен дефект. Принципот беше важен – да се соочам со големите компании, и успеав.“
Ник сакал да изгледа свежо за празничниот период додека ги посетувал роднините, па на 26 декември 2023 отишол во продавница на Sainsbury’s во Ричмонд, Лондон, каде купил брич за мажи „Men Advance 3“ за само 3 долари.
Кога го распакувал и почнал да се бричи, се повредил. „Пуштив топла вода и ставив лосион за бричење. Почнав автоматски да се бричам – еден потег од една страна, па друг потег од другата страна. По неколку секунди забележав дека многу крварам на левиот образ, а потоа и на десната страна. Крвта ми течеше по лицето,“ раскажува Ник.
За разлика од обичните посекотини при бричење, ова искуство било сосема различно.
„Крвта не престануваше. Заради тоа што раните беа на лицето, ми требаше речиси половина час за да го запрам крварењето со марамчиња,“ додаде тој.
Ник ја испитал состојбата на бричот и забележал дека едно од сечилата било откачено. „Кога го видов сечилото како виси, помислив дека можело да предизвика сериозна штета. Ова не беше обична посекотина. Се бричам веќе триесет години, но никогаш не сум доживеал вакво нешто.“
Неговите рани заздравувале со недели, а на образот му останале лузни.
Покрај физичките последици, Ник претрпел и психолошка траума. Тој изјави дека неколку месеци имал кошмари во кои постојано гледал крв на своето лице. Место да го фрли дефектниот брич, Ник зачувал секакви докази – самиот брич, пакувањето и сметката.
Контактирал адвокати специјализирани за производствена одговорност, Express Solicitors, кои ја презеле тужбата.
Компанијата Wilkinson Sword го тестирала бричот, а еден месец подоцна понудила спогодба од 6.250 долари без да ја признае вината.
Џек Клајн, експерт за производствена одговорност кој го застапувал Ник, изјави:
„Малкумина би помислиле да ја тужат една од најголемите светски компании за бричеви поради повреда при бричење. Но Ник тоа го направи, и со зачувувањето на доказите успеа да добие спогодба. Ова покажува дека, ако сте повредени од некој производ, секогаш има можност за валидна тужба, без разлика колку голема е компанијата“.
Компаниите Sainsbury’s и Wilkinson Sword не дадоа коментар за случајот.
Коментирај анонимно