Афера со лажен Бред Пит, кој боледувал од рак на бубрези, ја чинела Французинка цели 830.000 евра
Французинка по име Ан, на 53-годишна возраст, станала жртва на измама позната како „Аферата со лажниот Бред Пит“, која претходно ги потресе Шпанија и други земји во 2024 година.
Сѐ започнало во септември 2023 година кога Ан добила порака на „Instagram“ од лице кое тврдело дека е мајката на актерот Бред Пит. Разговорот брзо се претворил во предлог за романтична врска со оскаровецот. Следниот ден, нов профил ѝ се обратил со зборовите: „Здраво, Ан, мајка ми многу ми раскажа за тебе. Би сакал да те запознаам подобро“.
Иако во почетокот се сомневала дека станува збор за измама, Ан набрзо потпаднала под влијанието на измамникот кој тврдел дека е Бред Пит. Тие секојдневно комуницирале и наводниот актер ѝ испраќал песни и поеми, а користел и вештачка интелигенција за да генерира фотографии кои изгледале како вистински слики од Пит.
Во тежок период од својот живот, кога минувала низ криза во врската со еден милионер постар од неа за 19 години, Ан била лесна мета за манипулација. Измамникот првично ѝ побарал 9.000 евра за наводни царински такси за луксузни подароци. Потоа, тврдејќи дека има рак на бубрезите и дека неговата поранешна сопруга Анџелина Џоли му ги замрзнала сметките, измамникот барал дополнителна финансиска помош.
Со фотографии од „Бред Пит“ во болница и приклучен на инфузија, Ан поверувала дека му помага на познатиот актер и во тој процес префрлила вкупно 830.000 евра. Таа конечно почнала да се сомнева во вистинитоста на приказната кога видела фотографии на актерот со неговата нова партнерка Инес де Рамон во весниците.
Откако сфатила дека станала жртва на измама, Ан го пријавила случајот во полиција, која започнала истрага во летото 2024 година. Поради психолошките последици од измамата, таа во моментов е хоспитализирана поради тешка депресија.
Коментирај анонимно