Најчудните работи што луѓето ги заборавиле во автобус: од бастуни, до фрижидери

Едни од најчудните оставени работи во автобусите минатата година биле кајак, заедно со масажер за раменици, фрижидер и сет вештачки заби.

Компанијата „Brighton & Hove Buses“, која оперира низ Сасекс, Сари и Кент, во Велика Британија ги сподели најнеобичните работи кои патниците ги заборавиле возејќи се во автобуси во 2024 година. Покрај најчестите изгубени предмети како паричници, клучеви, очила и телефони, тимот за изгубени предмети пронашол и кајак, гардеробер, па дури и целосен фрижидер.

 

 

 

Меѓу „изненадувачки големите предмети” биле и шатор, микробранова печка, косилка за трева, билјардско стапче и електрична рерна. Од помалите, но исто толку необични предмети, биле пронајдени сет вештачки заби, тава за пржење, масажер за раменици, стетоскоп, слика со „Десетте заповеди“, кутија со мрежички за коса, непристоен цртеж и виолетов тег.

Други интересни откритија вклучувале златна чанта со една картичка Покемон, месинг зајак украсен со камења, телефонски полнач во облик на панда и урна со пепел. Меѓу почестите изгубени предмети биле 475 чадори, 428 јакни и 391 ранец. Дури 64 лица ги оставиле своите пасоши, а 78 ги заборавиле своите бастуни.

 

 

Кога станува збор за предмети на деца, најчесто биле пронајдени оние со ликот на Спајдермен (32 предмети), Мики Маус (18 предмети) и Hello Kitty (13 предмети).

 

 

Искрени патници предале вкупно 12.000 долари во кеш, најголемиот дел од кои бил вратен на сопствениците.

Неоткупените предмети се донираат на локални добротворни организации, како Rockinghorse Appeal, Dogs Trust и Alzheimer’s Society. Предметите се чуваат еден месец пред да се донираат.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *