Внесувањето повеќе влакна во вашата исхрана ќе ве спаси од инфекции – еве зошто

Нашето тело  е дом на трилиони микроорганизми кои живеат во нас или на нас. Во нашите црева има повеќе микроби отколку ѕвезди во Млечниот пат. Овие микроби се клучни за здравјето, но научниците сѐ уште истражуваат како точно тие помагаат.

Во ново истражување објавено во „Nature Microbiology“, научници истражуваа како одредени цревни бактерии можат да не заштитат од штетни микроорганизми, особено од групата Enterobacteriaceae, која вклучува видови како Escherichia coli (E. coli). Иако во мали количини E. coli е безопасен, прекумерниот раст може да предизвика инфекции и здравствени проблеми.

 

 

 

Истражувањето покажа дека цревната средина, која е обликувана од фактори како исхраната, игра голема улога во одржување на рамнотежата меѓу бактериите. Преку анализа на повеќе од 12.000 примероци од столица од луѓе од 45 земји и користејќи ДНК-секвенционирање, се утврди дека составот на микробиомот кај луѓе со и без Enterobacteriaceae е значително различен.

Научниците идентификуваа две групи бактерии: „ко-колонизатори“, кои опстојуваат заедно со Enterobacteriaceae, и „ко-исклучувачи“, кои ретко се појавуваат заедно. Faecalibacterium, еден од ко-исклучувачите, e особено важен. Оваа бактерија произведува кратковерижни масни киселини со разградба на влакна од исхраната, спречувајќи го растот на штетните бактерии.

 

Откриено е дека „ко-колонизаторите“ се поадаптивни и можат да преживеат во средини погодни за Enterobacteriaceae. Ова сугерира дека нутриентите, pH и кислородното ниво се клучни за присуството на овие бактерии.

Овие наоди отвораат пат за нови терапии против инфекции, фокусирајќи се на поддршка на корисните бактерии преку исхрана, наместо директно уништување на штетните бактерии со антибиотици. Во иднина, дополнителни истражувања ќе помогнат да се развијат прецизни, неантибиотски терапии за заштита од инфекции и подобрување на здравјето.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *