Јас сум експерт за кариера – еве ги лагите што ТРЕБА да ги кажете на интервју ако сакате да ја добиете работата
Кога станува збор за интервју за работа, повеќето луѓе ќе нагласат колку е важно да бидете искрени и автентични.
Иако ова најчесто е добар совет, експертот за корпоративна култура Исобел Пентон открива дека постојат ситуации во кои лагата може всушност да ви помогне да ја добиете посакуваната работа.
Британката која води популарен TikTok профил со совети за оние што сакаат да ја започнат својата кариера, сподели четири ситуации во кои избегнувањето на незгодни вистини и задржувањето на работните конфликти во тајност може да биде од корист.
Таа во видеото ги претстави лагите што „апсолутно треба да ги кажете“ на интервју, а нејзиниот совет привлече повеќе од еден милион прегледи.
Исобел вели дека првата ситуација кога е прифатливо да се излаже е кога работодавецот ве прашува зошто сте ја напуштиле претходната работа.
Наместо да откривате детали за непријатен конфликт, Исобел препорачува да останете професионални и да се фокусирате на идните можности во новата компанија.
„Дури и ако причината е сосема оправдана, ако е негативна – не сакам да ја слушнам. Одржете го одговорот позитивен, професионален и насочен кон иднината“ советува таа во видеото.
Наместо да се фокусирате на тоа зошто работите не функционирале, Исобел препорачува да ги нагласите вашите амбиции за новата улога.
Таа дава пример за дипломатски начин на одговарање: „Ја напуштив компанијата затоа што ги исцрпив сите можности за развој таму. Навистина уживав во времето поминато таму, но сега барам компанија како вашата, која е динамична и нуди можности за напредување, за да го достигнам мојот целосен потенцијал“.
Вториот совет на Исобел е поврзан со бројот на понуди за работа што тврди дека ги имате.
„Секогаш лажете за тоа колку понуди имате. Дури и ако ова е вашата работа од соништата – ако е единственото интервју што го имате, тоа остава впечаток на очај. Но, ако мислат дека имате повеќе опции, ќе ве перцепираат како врвен талент, а тоа значи дека е поверојатно да ја добиете понудата што ја сакате“, вели таа.
Исобел исто така потенцира дека кандидатите треба да ги избегнуваат темите за идни планови како патувања или преселби, бидејќи повеќето работодавци не сакаат привремени вработени.
„Ако имате планови да патувате во Тајланд една година, не сакам да слушнам за тоа. Многу кандидати признаваат дека сакаат да патуваат наредната година. Тоа ми кажува дека ја бараат оваа работа само за да заработат пари за патувањето. И знаете што, тоа е во ред – правете што сакате, но јас не треба да го знам тоа“.
Конечно, таа советува да не споменувате ако имате планови за сопствен бизнис.
„Лажете за вашите претприемачки амбиции. Го поддржувам концептот на дополнителни работи – тоа е одлично. Но, ако на интервју кажете дека оваа работа е само почеток за ваш сопствен бизнис, ќе ве гледам како личност со мала мотивација за работа. Некои лаги вредат,” заклучува Исобел.
Многу коментатори се заблагодарија за советите. Еден коментар гласеше: „Ти благодарам за совети и увидот во процесот на вработување“.
Друг напиша: „Лажам на интервјуа уште од 16 години – мајка ми ме научи на тоа“.
Трет коментар: „О боже, ова ми требаше, особено првиот совет бидејќи сум по природа искрена личност“.
Сепак, некои не се согласија со ова, еден коментар гласеше: „Биди свој – тоа е она што те носи до работата“.
Коментирај анонимно