НАСА донесе „итна“ одлука, бидејќи шансите астероидот 2024 YR4 да удри во Земјата се зголемија на 1 наспрема 43

Иако звучи како сцена од научно-фантастичен филм, светските вселенски агенции донесоа ретка итна одлука поради зголемениот ризик од судир на астероидот 2024 YR4 со Земјата. Според предвидувањата, постои 2,3% веројатност овој астероид да ја погоди планетата во 2032 година.

 

 

 

Меѓународен тим астрономи доби пристап до вселенскиот телескоп Џејмс Веб (JWST) за да ја утврди точната големина на астероидот и можните последици од негов удар. Според првичните проценки, неговиот дијаметар изнесува до 90 метри, што е слично на Биг Бен кулата во Лондон или Статуата на слободата во Њујорк. Ваква големина би значела удар сличен на Тунгуската експлозија од 1908 година, кога беа уништени 2.150 квадратни километри сибирска шума.

Астероидот првпат беше забележан во декември 2024 година од опсерваторијата ATLAS во Чиле. И покрај тогашната ниска веројатност за судир од 1,3%, веднаш стана најголема закана според ризичните листи на НАСА и ЕКА.

Големината на астероидите обично се одредува според рефлектираната светлина, но овој метод не е секогаш точен. Можно е 2024 YR4 да биде или 40 метри широк и многу рефлективен или 90 метри широк и темен. Дополнително, набљудувањата од Земјата се попречени од атмосферата, која ја искривува светлината.

 

 

JWST ќе ги надмине овие ограничувања со инфрацрвена анализа од својата позиција 1,5 милиони километри од Земјата. Ова ќе овозможи попрецизно утврдување на големината и орбитата на астероидот, клучни фактори за евентуални заштитни мерки.

Доколку 2024 YR4 навистина удри, би ослободил енергија од 15 мегатони ТНТ – 100 пати посилна од атомската бомба во Хирошима. Според проценките, ударот би можел да уништи згради и да предизвика жртви во радиус од 2 километри. Сепак, тоа не би било глобална катастрофа.

Во март, телескопот ќе го набљудува астероидот кога ќе биде најсветол, а повторно ќе го следи во мај, пред да исчезне до 2028 година. Овие две мерења ќе овозможат прецизно предвидување на неговата орбита и можностите за судир со Земјата.

Доколку сакате добра акција или пак забегани и жестоки случки само за најхрабрите читатели, тогаш посетете го каналот Жестоко. Предупредување: Содржините може да ве вознемират!

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *