Еве колку заработија хакерите кои ги преземаа Твитер профилите на Илон Маск и Барак Обама

Освен на Илон Маск и Барак Обама на 15-ти јули беа компромитирани и профилите на американскиот кандидат за претседател Џо Бајден, Бил Гејтс, Џеф Безос, Кање Вест и Apple. Твитер го потврди хакирањето, повеќе од шест часа откако започна нападот. Но, овој хакерски напад за само неколку часа на одговорните за него им донел огромна сума на пари.

Хакирањето се одвиваше во текот на неколку часови, а профилите на неколку големи играчи на криптовалути, вклучувајќи ги Gemini, Coinbase и извршниот директор на Binance, Чангпенг Жао – најпрво биле хакирани.

Хакерите брзо напредуваа до високи технолошки директори, компании, политичари и низа познати личности, при што компромитираните сметки објавуваат серија твитови, во кои се бара од следбениците да префрлат криптовалути во специфичен паричник на биткоин, со цел да добијат двојно повеќе за возврат.

Измамата беше направена слично на секоја сметка, со типичен твит во кој се наведува: „Ѝ враќам на заедницата. Сите Bitcoin испратени на адресата подолу ќе добијат назад двојно. Ако испратите 1.000 долари, ќе ви испратам 2000 долари. Ќе го правам ова само половина час.“

Така за брзо време хакерите заработиле околу 100.000 долари. Овој хакерски напад е можеби најкоординиран кој што компанијата досега го видела, но може да остави и трајни последици по безбедноста на Твитер.