Урми – златото на пустината што храни, лекува и дава сила. Еве зошто треба да ги имате во вашата исхрана
Урмите, слатките плодови на урмовата палма, одамна се сметаат за симбол на изобилство и живот. Познати како „леб на пустината“, тие обезбедуваат брза и долготрајна енергија, што ги прави незаменлива храна во жешките и суви предели.
Урмовата палма (Phoenix dactylifera) потекнува од Месопотамија, каде се одгледува веќе 4.000 до 6.000 години. Овие плодови имале клучна улога во исхраната на старите цивилизации, вклучувајќи го и Египет, каде често биле полагани и во гробници како храна за задгробниот живот.
Урмите во денешниот свет
Денес, најголеми производители се Иран, Египет, Саудиска Арабија, Алжир и ОАЕ, а се одгледуваат и во Калифорнија, каде биле донесени во 19. век. Палмите бараат песочна почва, високи температури и пристап до подземни води. Плодоносат по 4–5 години, а можат да раѓаат и до 100 години.
Урмите се природен суперфуд. Богати се со природни шеќери (глукоза, фруктоза, сахароза), што ги прави одлични за брзо обновување на енергијата – нешто што го ценат спортисти, патници и луѓе со активен животен стил. Во арапскиот свет, урмите се првиот оброк по постот за време на Рамазан.
Придобивки и препорачана доза
Освен тоа, урмите се одличен извор на:
Калциум, фосфор и магнезиум – за здрави коски и заби;
Калиум – за срцево здравје и мускулна функција;
Железо – корисно за жени и луѓе со анемија;
Б витамини и витамин А – за метаболизам, кожа и вид;
Антиоксиданси – кои штитат од воспаленија и стареење;
Триптофан – аминокиселина која го подобрува расположението и сонот.
Препорачани се за спортисти, деца, бремени жени и постари лица. Сепак, потребно е умерено консумирање – 4 до 6 урми дневно, особено кај луѓе со дијабет или чувствителен дигестивен систем.
Коментирај анонимно