Македонските генијалци блеснаа: Најголемиот успех досега со два медала на олимпијадата по информатика што се одржува во Шумен, Бугарија
Македонија повторно блеска на европската мапа на знаење. На 9-тата Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2025), која се одржа во Шумен, Бугарија, македонскиот тим освои златен и бронзен медал. Нашите ученици, меѓу најдобрите од 22 европски земји, го подигнаа македонското знаме високо во борбата на најталентираните млади програмери на стариот континент.


Владимир Грчев од Кочани го освои златниот медал за Македонија, втор златен во историјата на ова натпреварување. Бронзениот медал го донесе Марко Кренков од Струмица. Тимот го сочинуваа и Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје, а нивни лидери беа студенти од ФИНКИ: Иван Занов и Петар Ковачовски. Ова се новите имиња што ги носат на грбот македонските бои во Европа.



Нашите олимпијци не се избрани случајно – зад нив стои долгогодишна селекција и посветена работа преку натпреварите организирани од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), оваа година по 36-ти пат. Натпреварите се одржуваат на mendo.mk, платформа што цела година им стои на располагање на младите таленти. Организацијата се одвива со поддршка од ФИНКИ, но и од компаниите Сорсикс, Нетцетера, Семос Едукација и Винчини.


Европската јуниорска олимпијада по информатика се одржа во организација на Министерството за образование и наука на Бугарија и собра 96 ученици од 22 европски држави, плус Саудиска Арабија и Киргистан како гости. Натпреварувачите се најдобрите млади програмери, а олимпијадата има за цел да го поттикне интересот кај учениците до 15,5 години и да се гради иднината на европската информатика преку здружување на талентите од целиот континент.


Претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов, појаснува: „Неописливо е чувството кога ученик од Македонија е на сцената меѓу ученици од Полска и Украина, а пред сите останати ученици од останатите 22 земји како Франција, Бугарија, Романија, Хрватска, Унгарија… Огромниот успех на нашиот тим, со освоените медали во ваква силна конкуренција, претставува уште една потврда дека младите македонски ученици поседуваат знаење со кое што може да се носат рамо до рамо со своите врсници од цела Европа, па и пошироко. Постигнатиот резултат е исклучителен показател за квалитетот на подготовката, посветеноста и талентот на нашите ученици, како и за континуираната поддршка која Здружението на информатичарите на Македонија ја дава на учениците преку своите редовни активности. Како пример, непосредно пред олимпијадава со поддршка на општина Кочани и „Бистри умови“ како наша партнерска организација организиравме редовен камп за подготовки на учениците на Пониква. Им честитам на учениците, на сите ментори и волонтери во ЗИМ и на целата држава, за постигнатиот успех.“

Следното големо натпреварување за македонските ученици – информатичари е Балканската олимпијада по информатика (БОИ 2025), која од 25-ти септември до 1-ви октомври ќе се одржи во Удине, Италија. А веќе е најавена и 10-та Европска јуниорска олимпијада по информатика, за идната година во Турција. Македонското знаме уште долго ќе се вее меѓу најдобрите!


Коментирај анонимно