Платен лов на луѓе за богатите: Богати туристи плаќале по 90.000 евра за „сафари викенд“ за да убиваат Босанци за време на опсадата на Сараево (пукањето по деца било поскапо)

„Бев седумгодишен кога започна опсадата на Сараево. Живеевме во селото Баране, на југот од денешна Босна и Херцеговина. Во пролетта 1992 година војната стигна и до нас, и целиот мој живот се промени. Само неколку месеци подоцна, татко ми и многу машки роднини беа однесени во концентрациони логори, а мајка ми, брат ми, сестра ми и јас избегавме кај роднини во близина на Мостар.

Еден ден, додека се враќавме дома со малку храна, не забележа снајперист. Мајка ми нè зграби и нè повлече зад камен ѕид, штитејќи нè со сопственото тело. Лежевме таму околу 45 минути додека куршумите удираа околу нас. Јас бев дете – но стравот, и нејзиниот очајнички обид да нè спаси, никогаш не ги заборавив“.

Италија истражува: богати странци плаќале да дојдат во Босна и да пукаат во цивили

Три децении подоцна, оваа сцена добива нова, уште пострашна димензија.

Италијанските власти истражуваат тврдења дека богати странци од Италија, САД, Русија и други земји во 1990-тите плаќале десетици илјади евра за да станат таканаречени „викенд снајперисти“ и да пукаат во босански цивили за време на опсадата на Сараево. Според информациите, тие им давале пари на српските сили за да им овозможат пристап до фронтот и до позиции од кои се гаѓале жители на опколениот град.

Наводно постоел и „ценовник“ – најскапо „чинело“ пукањето во деца, потоа во вооружени мажи во униформа, додека жените и старите лица биле „поевтини“ или дури бесплатни мети. Тврдењата ги истражуваат обвинителите во Милано, кои се обидуваат да идентификуваат Италијанци што можеби учествувале и би можеле да бидат обвинети за тешко убиство.

Истражувањето било повторно активирано по иницијатива на поранешната градоначалничка на Сараево, Бенјамина Кариќ, и благодарение на документарниот филм „Сараево Сафари“ од 2022 година, кој содржи сведоштва за странци што плаќале да пукаат во цивили. Неколку сведоци, меѓу кои и поранешен американски маринец и босански разузнавач, тврдат дека лично виделе „туристи“ вооружени со снајперски пушки како се појавуваат на линијата на фронтот.

Србија ги отфрла обвинувањата, а дел од српските организации ги нарекуваат тврдењата „гнасна лага“. Но италијанските обвинители продолжуваат со истрагата, која би можела да отвори едно од најмрачните и досега најмалку документирани поглавја од босанската војна.

Децата и мајките биле „мети за забава“

„Кога денес размислувам за тоа, ме разорува помислата дека човекот кој не гаѓаше можеби не бил војник — туку турист што платил за тоа да биде „авантура“. Во неговиот нишан бевме млада мајка и три преплашени деца. За нас тоа беше борба за живот. За него — можеби забава“.

Опсадата на Сараево и Сребреница

Опсадата на Сараево траеше речиси четири години и однесе 11.541 живот, меѓу кои 1.601 дете. Тоа беше најдолгата опсада во модерната европска историја и дел од истиот модел на терор што подоцна кулминираше со геноцидот во Сребреница — најголемиот масакр во Европа по Холокаустот.

Во тој поголем хорор, фактот дека странци доаѓале да „учествуваат“ само ја продлабочува дехуманизацијата што ја преживеавме.

Босанците знаеле – светот не слушал

„Уште за време на војната се зборуваше дека странци доаѓаат како „викенд војници“. Мојот татко, преку шепотењата во логорот, слушал такви приказни. Ние, децата, ги фаќавме тие сенки од разговори без да сфатиме што значат. Денес, 30 години подоцна, тие шепотења се покажуваат како вистина“.

Дехуманизацијата беше целосна

Најтешко е сознанието дека не станува збор за неколку психопати – документите сугерираат дека секој викенд доаѓале групи од пет-шест луѓе. Странци кои во нас гледале само мете. А уште потешко е тоа што истрагата започнува дури денес, иако информации постоеле уште во 1993 година.

„Можеби некој од тие што пукаа врз нас денес живее во истото соседство, во Европа, дури и во Велика Британија, каде што живеам јас. Некои можеби се бизнисмени, професори, пратеници. Можеби ги среќаваме секој ден“.

Се бара правда – по 30 години

„Секое враќање во Босна за мене е враќање на местото на злосторството. Но денес конечно се отвора можност за вистинска истрага. Време е и другите држави да ја следат Италија и да ги идентификуваат сите кои дошле да убиваат за забава. За нас што тогаш се криевме од куршумите, за мајките кои штитеа деца со своето тело, за илјадниците што никогаш не се вратија дома – тоа е минималната правда што ја заслужуваме“.

Доколку сакате добра акција или пак забегани и жестоки случки само за најхрабрите читатели, тогаш посетете го каналот Жестоко. Предупредување: Содржините може да ве вознемират!

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *