Мистериозен камен во двор во Америка се покажа како археолошко богатство
Доколку некогаш сте пробале да уредите двор, знаете дека често ќе најдете скршени парчиња грнчарија и одамна заборавени статуи скриени под вегетацијата – но за еден брачен пар, таа симулација на археолошко откритие се претвори во вистинско чудо.
На прв поглед, мермерната плоча со латински натпис – што го вклучува и зборот „духови на покојните“ – личела на масовно изработена копија наменета за украсување на градина.
Но за антропологот Даниела Санторо, која живее со сопругот Арон Лопез во историскиот дом во населбата Керолтон, Њу Орлеанс, мистериозниот објект – пронајден полузакопан меѓу трева и грмушки – ѝ ги разбудил „спајдерменовите сетила“. На миг, се исплашила дека можеби откриле стар гроб.
„Фактот што беше на латински навистина не натера да застанеме. Гледаш нешто вакво и велиш: Ова не е обична работа“, изјави Санторо за Associated Press.
Наместо да ја занемари интуицијата, се консултирала со стручњаци. Меѓу тие што го анализирале натписот биле археологот Сузан Луснија од Универзитетот Тулен и антропологот Д. Рајан Греј од Универзитетот на Њу Орлеанс, кои го споделиле откритието со колеги.

Содржина:
Научниците го препознаа натписот: плочата му припаѓала на римски војник
Истражувачите брзо сфатиле што точно пронашол парот. Латинскиот натпис започнува со Dis Manibus – „на духовите на покојните“ – стандардна посвета на римските надгробни плочи, распространета низ некогашната Римска империја.
Подетално преведување открива дека каменот токму го славел споменот на римски војник, тракиецот Секст Конгениј Вер. По наредба на неговите наследници, Атилиј Кар и Ветиј Лонгин, спомен-обележјето бележи дека починал на 42-годишна возраст, по 22 години војничка служба – пред околу 1.900 години од денот кога Санторо и Лопез ја пронајдоа плочата на другата страна на светот.
Драматична судбина на изгубената плоча
Интересно, ова не било прво документирано појавување на плочата. Во почетокот на 20 век, таа била регистрирана како дел од збирката на Националниот археолошки музеј во Цивитавекија, Италија – пристанишен град каде гробната плоча стоела на малото гробиште.
Музејот бил тешко оштетен за време на сојузничкото бомбардирање во 1943 и 1944 година, при што исчезнале или биле раселени бројни артефакти. Плочата потоа била заведена како изгубена. Нејзините точни димензии, наведени во музејската евиденција се совпаѓаат со плочата најдена во градината на Санторо и Лопез.
Американски војник ја донел плочата од воена Италија: му припаѓала на дедото на поранешната сопственичка на куќата
Како плочата од воена Италија стигнала до предградието на Њу Орлеанс претставува посебна мистерија. Според Ерин Скот О’Брајен, поранешна сопственичка на куќата во Керолтон, плочата се наоѓала во шкаф заедно со други фамилијарни сувенири во куќата на нејзиниот дедо, Чарлс Падок Џуниор, кој служел како војник во Италија за време на Втората светска војна.
Падок Џуниор и неговата сопруга починале во 80-тите; кога О’Брајен се вселила во нивниот дом во почетокот на 2000-тите, мајка ѝ ѝ ја подарила плочата.
„Посадивме дрво и рековме: Ова е почеток на нашата нова куќа. Ајде да ја ставиме надвор, во градината“, изјави О’Брајен за списанието Preservation in Print. „Мислев дека е уметничко дело. Немав поим дека станува збор за реликвија стара 2.000 години.“
Плочата конечно се враќа во Италија
Поминаа повеќе од 80 години од кога музејот што ја чувал плочата бил уништен во војната, а главните протагонисти на приказната се заминати. Иако веројатно никогаш нема да дознаеме како Падок ја стекнал, најважно е што плочата конечно се враќа дома – во земјата на империјата што ја служел Секст Конгениј Вер.
Тимот за уметнички криминал на ФБИ сега ја координира нејзината репатријација во Националниот археолошки музеј на Цивитавекија.

Коментирај анонимно