Декласифицирани документи на ЦИА: Киро Глигоров одбил понуда од 100 милиони долари за промена на името во 1992 година

Во 1992 година Грција му понудила на тогашниот претседател на Македонија, Киро Глигоров, финансиска помош од 100 милиони долари за државата доколку се прифати промена на името, но тој ја одбил понудата. Ова се наведува во неодамна декласифициран документ на Централна разузнавачка агенција (ЦИА), пренесен од македонската редакција на Deutsche Welle.

Во документот, датиран на 6 ноември 1992 година и објавен во јануари годинава во дигиталната библиотека на декласифицирани материјали на ЦИА (FOIA), се наведува дека Глигоров ја одбил понудата и покрај тешката економска состојба во која се наоѓала земјата во тој период.

„И покрај значителната економска потреба на Македонија, Глигоров одбил приватна понуда од грчки функционери за финансиска помош од 100 милиони долари под услов името на државата да се смени“, стои во документот.

Во својата книга мемоари „Македонија е сѐ што имаме“, Глигоров не ја споменува оваа конкретна понуда. Сепак, тој пишува дека преку грчки посредници му било понудено лично мито од еден милион долари за да прифати промена на името, но и таа понуда ја одбил.

Во анализата на ЦИА, Глигоров е опишан како „почитуван државник-ветеран и реформатор“ кој настојувал да ги балансира политичките и етничките тензии во земјата и во регионот. Американските аналитичари го нарекуваат и „мудра стара лисица“, истакнувајќи го неговото стратешко размислување и вниманието кон деталите.

Документот наведува и дека Глигоров ги сметал лидерите на Србија и Хрватска, Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман, за главни виновници за кризата во поранешна Југославија. Тој ги одбил и предлозите на Милошевиќ за создавање сојуз со српски доминираниот остаток од југословенската држава. Од друга страна, покажал интерес за идејата на тогашниот југословенски премиер Милан Паниќ за балканска економска унија, која според него би ги вклучувала и Грција и Турција.

Во документот се споменува и дека Глигоров сакал да остане активен во политиката сè додека демократијата во државата не се зацврсти, процес кој, според анализата, бил оптоварен со политички и етнички тензии, вклучително и ривалствата со партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Киро Глигоров беше првиот претседател на независна Македонија. Тој беше избран од Собранието на 27 јануари 1991 година и ја водеше државата до 1999 година. Почина на 1 јануари 2012 година.

Смеењето е најслатко кога е на своја сметка. Дознајте какви несекојдневни работи се случуваат во секојдневниот живот на Македонците на каналот Македонски несекојдневни ситуации. Испратете своја смешна слика или видео овде.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *