Сараево не спиеше – славеше пласман на Босна и Херцеговина на Светското првенство во фудбал (видеа)

Илјадници граѓани се собраа во центарот на Сараево за да го прослават историскиот пласман на фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина на Светското првенство во САД, Мексико и Канада. Со запалени факели, знамиња и навивачки песни, славењето се прошири и во другите градови низ земјата.

Прославата кулминираше околу два часот по полноќ, кога фудбалерите пристигнаа меѓу навивачите и им се обратија. Пред Вечниот пламен одекнуваа песните на Халид Бешлиќ, а атмосферата беше исполнета со еуфорија. Играчите носеа маички со натпис „Доаѓаме“ и логото на Мундијалот.

Најголеми овации доби Един Џеко, и покрај повредата во финишот од натпреварот, како и селекторот Сергеј Барбарез, кој им се заблагодари на навивачите за поддршката.

Еуфоријата продолжи и следното утро, кога во многу училишта наставата започна со навивачки песни наместо со ѕвонче.

До големиот успех, БиХ стигна по драматичен натпревар во Зеница, каде ја елиминира Италија по изведување пенали со 4:1, откако по регуларното време и продолженијата резултатот беше 1:1. Со ова, репрезентацијата обезбеди второ учество на едно Светско првенство.

 

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *