Четворица другари од Белград, почнале од „гаража” и никогаш не завршиле факултет – денес нивниот бизнис вреди милиони
Милјан Текиќ и неговите тројца коосновачи Богдан, Андрија и Небојша се запознале уште како деца, во училишните клупи во Белград. Ниту еден од нив не дипломирал факултет. Почнале да програмираат во средно, преживеале банкрот на првата фирма бидејќи не можеле да ја платат киријата за работната канцеларија, а идејата за Tenderly ја добиле на хакатон. Денес, нивната компанија стана симбол за регионален потенцијал: привлече 20 милиони долари инвестиции и се спомнува како можен прв „unicorn“ од овие простори – компанија вредна над милијарда долари.

Содржина:
- Љубовта кон игрите и банкротот поради работниот простор ги натераа на freelance пат
- Хакатон, освоено второ место и понуда од најреномираниот стартап во градот
- Работа во GoDaddy, старт на Tenderly во „гаража“ и двоен живот
- Технологија, сопствен проблем и решавачки момент: кога сфатија дека не се сами
- Освоен хакатон, 10.000 евра награда и колективни оставки за целосен ризик
- 34 вработени, 20 милиони долари инвестиции и први чекори кон Америка
Љубовта кон игрите и банкротот поради работниот простор ги натераа на freelance пат
Сè започна со компјутерски игри. „Сите ние игравме премногу – повеќе отколку што сакам да признаам“, вели Текиќ. Богдан учел во компјутерска гимназија и го научи Текиќ да програмира. Потоа следуваше курс за креирање игри: направиле своја игра, најмиле простор за работа, основале втора фирма – и останале без пари за кирија. „Човекот беше крајно коректен. До ден денес сме во контакт, многу ми е драго пријателство. Но де факто – требаше да дадеме пари кои ги немавме.“ Решението беше freelance: сајтови, Facebook апликации, што и да можеле да сработат – така ја ширеле и мрежата на контакти.

Хакатон, освоено второ место и понуда од најреномираниот стартап во градот
Пресвртната точка беше универзитетскиот хакатон. На презентацијата ветија дека ќе го завршат проектот — не успеаја, но сепак го освоија второто место. Токму тогаш им пристапија Иван и Сергеј од Devana, стартапот со најголема репутација во Белград во тоа време. „Вие четворица — дојдете сите кај нас. Заедно.“
Тогаш имаа само 19 и 20 години.
Devana им донесе нешто клучно — радикална транспарентност. Платите беа јавни, не само внатре во компанијата, туку и јавно објавувани во блог-постови. Финансиските извештаи им беа достапни на сите. „Кога си јуниор, тие информации не ти значат многу. Но, 4–5 години подоцна, кога почнуваш да ја планираш сопствената компанија, веќе имаш референтна точка. Радикалната транспарентност те учи, без да сфатиш дека те учи.“

Работа во GoDaddy, старт на Tenderly во „гаража“ и двоен живот
Кога GoDaddy ја купи Devana, компанијата доби корпоративна структура и поинаков ритам. Текиќ и неговите пријатели тогаш паралелно ја почнаа идејата за Tenderly: утринска смена во претходната фирма, сопствен стартап навечер и за викенд. Изнајмија мала канцеларија од 30 квадрати со неонско светло, кујна и маса, во дворот меѓу згради. „Требаше неколку месеци додека не сфативме дека низ дворот има асфалтиран пат до нашата канцеларија. И таа голема капија всушност беше гаражна порта.“ Не беше класична гаража, но како што велат: „и ние сме тргнале од гаража.“

Технологија, сопствен проблем и решавачки момент: кога сфатија дека не се сами
Оригиналната замисла за Tenderly беше blockchain алатка за јавни набавки: за државните тендери да бидат транспарентни со помош на blockchain, корупцијата да се искорени со технологија. Но јавниот сектор не можело да се смени од приватна иницијатива. Додека тестирале, секојдневно пишувале код за blockchain и наидувале на сериозен проблем: кога ќе се појави грешка, во традиционалните системи тоа се детектира за неколку минути, на blockchain неретко требало три часа. „Андрија еднаш дошол кај Небојша и го прашал: ’Вам ова нормално ви е?‘“ Сфатиле дека постојат алатки за класичен развој, но вакви нема за blockchain.
Освоен хакатон, 10.000 евра награда и колективни оставки за целосен ризик
Победата на Startup Akademija донесе 10.000 евра. Не е голема сума, но било јасен сигнал. „Во јуни 2019 поднесовме оставки.“ Веднаш сите четворица, истовремено. За Tenderly, прво година ипол работеле без наплата – ни едно евро. Кога решиле да воведат претплата, едноставно ги прашале корисниците. Тие што го користеле секојдневно, платиле. „Се испостави дека сè што требаше да направиме – беше да прашаме.“
34 вработени, 20 милиони долари инвестиции и први чекори кон Америка
Денес Tenderly брои 34 вработени – далеку повеќе од замислата на почеток. Преку 20 милиони долари инвестиции, последната рунда од престижниот фонд Axel од САД и Британија. Тоа им овозможи да ја прошират компанијата, а Андрија замина во Америка за да донесе знаења кои регионот ги нема: маркетинг, business development, developer relations. „Во Америка постои спектар на знаење кое не е достапно кај нас. Сакаме да го донесеме тука.“
Дали ќе бидат првиот „unicorn“ од Балканот? Текиќ одговара внимателно: „Тоа е можност. И нормално – сакаме да стигнеме таму. Но искрено, не знаеме кој ќе биде прв. И не мора да бидеме први.“ Најважното е: дечките што почнаа со игри, не можеа да ја платат киријата за работниот простор и ги оставија факултетите далеку зад себе, сега ја пишуваат приказната која целиот регион ја следи.

Коментирај анонимно