Го реновираа со месеци, а направија хаос – кој одлучи дека ова е добро решение за булеварот „Борис Трајковски“?
По неколкумесечна реконструкција на раскрсницата на Булевар Борис Трајковски, наместо подобрување, ситуацијата е значително влошена.
Претходно, од едната страна, која води накај центар, имаше три ленти: една за вртење лево, средна лента за движење право и најдесна лента која служеше и за право и за десно. Со новото решение, најдесната лента е пренаменета исклучиво за десно, што како идеја е позитивно – возилата што вртат десно повеќе не чекаат на семафор.
Меѓутоа, со тоа се намалува бројот на ленти за движење право, па наместо две, сега останува само една. Резултатот е очекуван – создавање колони и значително забавен проток на возила.
Од другата страна, која води накај Кисела вода, ситуацијата е уште покритична. Наместо посебна лента за вртење лево, таа е укината и заменета со физичко островче. Сега се останати две лети и се користат користат комбинирано – и за право, и за лево, а најдесната како што си беше за десно и право што создава дополнителен метеж и конфузија кај возачите.
Во шпиц термините, сообраќајот е толку оптоварен што е потребна интервенција од сообраќаен полицаец, при што дури и семафорите се исклучуваат за да може воопшто да се одвива движењето.
Се поставува логичното прашање дали оваа реконструкција воопшто ја исполни својата цел. По потрошени време и средства, сообраќајниот метеж останува ист, а во одредени периоди дури и полош.
Гужва имаше и претходно, но барем беше поорганизирана и поподнослива. Со новото решение, наместо подобрување, се добива впечаток дека ситуацијата е дополнително искомплицирана.


Коментирај анонимно