Европската Унија воведува нови строги еколошки правила: Еуро 7 со значително построги контроли на емисиите

Европската Унија од крајот на ноември воведува нов еколошки стандард Еуро 7, со цел значително намалување на штетните емисии од возилата. Новите правила за првпат предвидуваат мерење во реални услови на возење, наместо само во лабораториски тестови, со што се добива попрецизна слика за вистинското загадување.

Покрај издувните гасови од моторот, Еуро 7 ќе ги опфати и честичките што настануваат од трошење на гумите и сопирачките – нешто што досега не беше регулирано, иако има директно влијание врз квалитетот на воздухот и здравјето.

Новите стандарди ќе важат за бензински, дизел, хибридни, а за првпат делумно и за електрични возила, кои поради тежината на батериите создаваат поголемо абење на гуми и кочници. Дополнително, правилата предвидуваат и подолг период на следење на емисиите по купување на возилото, што значи построга контрола во текот на целиот животен век.

Во пракса, ова ќе ги натера производителите да развиваат поефикасни технологии, нови материјали и хибридни решенија, што може да влијае и на цените на новите автомобили.

Во меѓувреме, додека Европа оди кон построги еколошки стандарди, во Македонија и понатаму останува дозволен увоз на возила со Еуро 4 стандард, што создава голема разлика во пристапот кон заштита на животната средина и квалитетот на возниот парк.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *