Се пронашле на сајт за запознавање, а тој ѝ испратил 36 прашања за да види дали е „вистинската“ – еве кои се тие
Жена која се вљубила преку интернет ја сподели листата од 36 прашања што нејзиниот сопруг ѝ ги поставил за да одлучи дали таа е „вистинската“ — пред да помине 4.800 километри за да бидат заедно.

Леан Жанг (31), по потекло од Кингдао, Кина, го запознала Бен Донохоу (31) од Бури, Манчестер, преку страница за запознавање во мај 2020 година.
По еден месец допишување, Бен ја прашал дали сака да му биде девојка, но Леан сметала дека прво треба подобро да се запознаат. Тогаш тој ѝ испратил листа со „36 прашања за создавање блискост“, што ја пронашол на интернет. Преку разговорите за животот, семејството и вредностите, почнале вистински да се поврзуваат.
Неколку месеци подоцна официјално започнале врска, а Бен во септември 2020 година нашол работа како наставник по англиски јазик во Кингдао — само пет минути од домот на Леан. Но токму тогаш Кина ги затворила границите поради пандемијата и неговата виза била стопирана.
По три месеци чекање без никакви промени, Леан решила да се пресели во Велика Британија. Во август 2021 година нашла работа како практикант во добротворна организација и отпатувала во Манчестер.

Нивната прва средба во живо била на аеродромот, по година и пол врска на далечина. Само една недела подоцна се свршиле, а во ноември 2021 година се венчале.
Денес живеат во Бури, Манчестер, и имаат две деца — двегодишниот Малакаи и четиримесечниот Дејвид, кои минатиот месец за првпат ги запознале своите баба и дедо во Кина.
Леан вели дека љубовта кон патувањата и различните култури била една од главните причини што ги зближила.
„И двајцата сакавме да истражуваме нови земји и култури. Имавме сличен начин на живот и исти желби за иднината. Мислам дека и чувството на заглавеност за време на пандемијата нè поврза уште повеќе. Кога почнавме да се допишуваме, Бен беше многу резервиран и не покажуваше голем интерес. Искрено мислев дека не е заинтересиран и веќе бев подготвена да продолжам понатаму, кога одеднаш ме праша кога би сакала врската да стане официјална. Му кажав дека навистина го ценам тоа, но дека треба подобро да се запознаеме. Следниот пат кога разговаравме, ми ги испрати тие 36 прашања. Не се сеќавам на сите детали, но зборувавме за нашите вредности, семејството, животот и односот кон луѓето. Тогаш навистина почнавме да се поврзуваме. Неговата посветеност кон семејството и љубовта кон луѓето беа работите што најмногу ме освоија“, раскажува Леан.

И покрај осумчасовната временска разлика, тие секојдневно разговарале преку видео повици — рано наутро или доцна навечер.
Откако Бен добил работа во Кина, двојката верувала дека конечно ќе бидат заедно, но пандемијата им ги променила плановите.
„Чекавме границите повторно да се отворат, но кога сфативме дека ништо не се менува, решив јас да се преселам во Англија.
Кога пристигнав на аеродромот, требаше да ме пречека со цвеќе и подароци, но не можеше да го најде излезот и на крај јас него го забележав прва. Разговаравме со неколку девојки на аеродромот кои веднаш сфатија дека ни е прва средба во живо.
Беше навистина чудно затоа што година и пол бев вљубена во Бен од интернет, а сега требаше да го запознаам вистинскиот Бен. На почетокот повеќе го сакав Бен од онлајн разговорите отколку Бен во живо, затоа што дури тогаш почнував вистински да го запознавам. Но многу брзо сфатив дека е истиот човек“, вели таа.

Само една недела подоцна се свршиле. Бен ѝ кажал дека е подготвен за брак кога и да биде подготвена таа — а веќе го имал купено и прстенот.
„Му признав дека и јас сум подготвена, бидејќи веќе имав купено венчаница. Не ја донесов со мене затоа што имав премногу работи и ќе го надминев лимитот за багаж“, додава Леан низ смеа.
Тие се венчале на 22 ноември 2021 година на интимна церемонија со родителите и бабите и дедовците на Бен, а еден месец подоцна организирале и поголема прослава со околу 50 роднини и пријатели.

„Времето лета. Не можеме да веруваме дека поминаа речиси пет години од свадбата и скоро шест откако првпат почнавме да разговараме онлајн. Многу сум благодарна што се запознавме преку интернет и што воопшто почнавме да разговараме. Неодамна се вративме од Кина, каде што нашите синови за првпат ги запознаа своите баба и дедо“, вели Леан.
Бен додава дека уште од првиот разговор знаел дека сака да биде со неа.
„Веднаш почувствував поврзаност со Леан. Знаев дека сакам да бидам со неа уште од моментот кога почнавме да разговараме. Врската на далечина ја направивме забавна со различни онлајн состаноци, иако и двајцата очајно сакавме да бидеме заедно во живо. Бев пресреќен кога Леан дојде во Велика Британија, а уште посреќен кога прифати да ми стане сопруга. Уживам во секој момент од нашата заедничка авантура“, вели Бен.

36-те прашања што им помогнале да се зближат
Сет 1
- Ако можеш да одбереш било кого во светот, кого би поканила на вечера?
- Дали би сакала да бидеш славна? На кој начин?
- Дали некогаш вежбаш што ќе кажеш пред телефонски разговор? Зошто?
- Каков би бил совршениот ден за тебе?
- Кога последен пат си пеела сама на себе? А кога на некој друг?
- Ако можеш до 90 години да го задржиш умот или телото на 30-годишна, што би одбрала?
- Имаш ли претчувство како ќе умреш?
- Наброј три работи што мислиш дека ги имате заеднички со партнерот.
- За што во животот си најблагодарна?
- Што би променила во начинот на кој си воспитана?
- Раскажи ја својата животна приказна за четири минути, со што повеќе детали.
- Ако утре можеш да се разбудиш со една нова способност или квалитет, што би било тоа?
Сет 2
- Ако кристална топка може да ти ја открие вистината за животот, иднината или за тебе самата, што би сакала да дознаеш?
- Дали постои нешто што долго време сонуваш да го направиш? Зошто сè уште не си го направила?
- Кое е најголемото достигнување во твојот живот?
- Што најмногу цениш кај пријателството?
- Кое ти е најдрагоценото сеќавање?
- Кое ти е најлошото сеќавање?
- Ако знаеш дека за една година ненадејно ќе умреш, дали би променила нешто во животот? Зошто?
- Што значи пријателството за тебе?
- Каква улога имаат љубовта и нежноста во твојот живот?
- Споделете пет позитивни карактеристики еден за друг.
- Колку сте блиски со семејството? Дали мислиш дека твоето детство било посреќно од повеќето?
- Каков е твојот однос со мајка ти?
Сет 3
- Кажи три вистинити реченици што почнуваат со „ние“.
- Дополни ја реченицата: „Би сакала да имам некого со кого можам да споделам…“
- Ако сакате да станете блиски пријатели, што е важно партнерот да знае за вас?
- Кажи му искрено што ти се допаѓа кај него.
- Сподели непријатен момент од животот.
- Кога последен пат си плачела пред некого? А кога сама?
- Кажи нешто што веќе ти се допаѓа кај партнерот.
- За што никогаш не треба да се шегува?
- Ако вечерва умреш без можност да се поздравиш со некого, за што најмногу би жалела што не си му кажала?
- Ако куќата ти се запали, што би спасила откако ќе ги спасиш блиските и милениците?
- Чија смрт од семејството најтешко би ја поднела? Зошто?
- Сподели личен проблем и побарај совет од партнерот како би постапил тој.

Коментирај анонимно