Од Лас Вегас до Виница: Mајка и ќерка ги заменија светлата на Вегас со македонски град

Дека животот во големите светски метрополи не секогаш ги нуди најважните услови за безгрижно детство, покажува видеото кое деновиве стана вистински хит на социјалните мрежи. Семејство кое живеело во Лас Вегас одлучило да ја замени динамиката на американскиот град со мирниот живот во Виница, а нивната 11-годишна ќерка на едноставен начин објаснува зошто оваа промена била вистински погодок.

Во видеото објавено на Инстаграм, мајката Инга Мцева разговара со својата ќерка за разликите меѓу животот во САД и Македонија. Иако нејзиниот одговор е краток, тој носи силна порака за вредностите што често ги земаме здраво за готово – слободата и безбедноста.

 

На прашањето што најмногу ѝ се допаѓа во Виница, девојчето вели дека тука може слободно да се движи и да шета без грижи. За многу деца кои растат во САД, самостојното одење до продавница или пешачењето до училиште не е секојдневие, додека во македонското гратче тоа е сосема нормален дел од животот.

Инга додава дека токму тоа ја прави среќна како родител.

„Мислам дека е убаво што можеш сама да отидеш во продавница и да си купиш нешто или грицки. Сама одиш на училиште, пешачиш и не мора јас постојано да те носам и да доаѓам по тебе“, вели таа во разговорот.

Разговорот завршува со насмевка, кога девојчето низ шега признава дека понекогаш наместо низ главниот влез, во училиштето влегува прескокнувајќи ја оградата. Токму ваквите детски палавштини и чувството на независност, според многумина, се дел од спомените што го прават детството посебно.

Видеото предизвика бројни позитивни реакции на социјалните мрежи. Голем дел од коментаторите истакнаа дека безбедноста, мирната средина и можноста децата слободно да играат надвор со своите другарчиња се меѓу најголемите предности што Македонија сè уште им ги нуди на семејствата.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *