Сместените во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ ќе добиваат бесплатно шишање, фарбање и маникир од ученици од училиштето „Киро Бурназ“

Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово и училиштето „Киро Бурназ“ ја официјализираа соработката што од септември треба да им донесе практична настава на учениците, а нови услуги за корисниците во домот. Просторот за фризерски услуги, кој досега не ја имал целосната улога за која бил наменет, ќе стане место каде младите ќе учат, а старите ќе добиваат грижа што во ваква установа значи многу повеќе од обична услуга.

Старите во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ ќе добиваат бесплатно шишање, фарбање и маникир од ученици од училиштето „Киро Бурназ“

Меморандумот ја претвора повремената соработка во редовна пракса

Со потпишаниот меморандум за соработка меѓу Домот за стари лица „Зафир Сајто“ и РЦСОО „Киро Бурназ“, практичната настава на учениците од фризерската струка добива јасна форма и распоред. Од септември, тие ќе работат во домот под надзор на ментори и во координација со негувателите, а договорот остава простор соработката подоцна да се прошири и на други образовни профили, меѓу кои и прехранбената струка.

Меморандумот ја претвора повремената соработка во редовна пракса

Александар Крстевски вели дека студиото конечно ќе ја добие вистинската функција

„Со цел да ги подобриме услугите за нашите корисници, од септември учениците двапати неделно ќе доаѓаат на практична настава во нашето фризерско студио. Тука ќе ги усовршуваат своите вештини и, заедно со нашите негуватели и нивните ментори, ќе им пружаат фризерски услуги на корисниците. Тие ќе добиваат бесплатно шишање, фарбање на коса, маникир, педикир и други услуги кои се дел од нивната обука, а воедно се неопходни во нашата установа“, изјави директорот Александар Крстевски.
Тој додаде дека просторот наменет за фризерски услуги конечно ќе ја добие својата вистинска функција и ќе придонесе за збогатување на понудата на услуги во домот.

Александар Крстевски вели дека студиото конечно ќе ја добие вистинската функција

Сузана Максимовска најавува ученици и во кујната, аптеката и други делови од домот

Директорката на РЦСОО „Киро Бурназ“, Сузана Максимовска, истакна дека и досега постоела повремена соработка, но сега таа станува официјална и редовна.
„Тоа значи дека нашите ученици двапати неделно, а по потреба и почесто, ќе доаѓаат во фризерскиот салон за да изведуваат практична настава во рамките на оваа установа. Соработката може да се прошири и во други области, како што се прехранбената и здравствената струка, како и насоката за лични услуги. Нашите ученици се подготвени да се ангажираат и во кујната, аптеката и во други сегменти од работата на домот. Планираме долгорочна и успешна соработка“, изјави Максимовска.
Во наредниот период се планира воспоставување соработка и со други училишта, особено од здравствената струка, чии ученици би биле значајна поддршка во секојдневното функционирање на домот. Во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово моментално се згрижени 176 корисници, а вкупниот капацитет на установата изнесува 180 лица.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *