Зошто копчињата и патентите кај машката и женската облека се на различни страни?
Замислете дека сте во продавница за облека во која има парчиња за целото семејство. Земате бела кошула со копчиња за да ја пробате. Кројот е прилично едноставен. Дали била замислена да ја носи жена или маж? Може да има еден знак. Многу женски кошули имаат копчиња на левата страна, додека машките кошули обично се закопчуваат на десната. Дури и патентите на панталони и јакни понекогаш го следат истиот образец. Но зошто облеката се закопчува различно во зависност од тоа дали е направена за мажи или за жени? Модни истражувачи и историчари како нас се прашувале за оваа родова разлика. Одговорот има многу врска со традицијата, историјата и начинот на кој облеката се изработувала одамна. Дури и малите детали, како патентот, можат да раскажат приказна за минатото.

Содржина:
- Копчето не е само практичен предмет, туку дел од материјалната култура
- Благородничките носеле фустани толку сложени што слугинките морале да ги закопчуваат
- Околу 90 проценти од луѓето се деснораки, па левата страна му помагала на оној што стои спроти вас
- Мечот на левиот колк можеби влијаел врз тоа како се затворале машките палта
- Во фабриките од раниот 19 век, старите страни станале стандард
- Денес дизајнерите се откажуваат од правилото лево за жени, десно за мажи
Копчето не е само практичен предмет, туку дел од материјалната култура
Кога луѓето денес гледаат облека, често размислуваат за бои, удобност или стил. Но облеката е и дел од она што историчарите го нарекуваат материјална култура, односно сите предмети што луѓето ги користат секој ден. Проучувањето на материјалната култура од минатото може да открие како луѓето живееле, работеле и размислувале во претходни времиња.
Закопчувачите како копчиња и патенти не се само практични. Тие следат и дизајнерски традиции што со векови се поврзувале со родот.
Благородничките носеле фустани толку сложени што слугинките морале да ги закопчуваат
Едно од најчестите објаснувања зошто машката и женската облека имаат копчиња на спротивни страни доаѓа од европската модна историја. Многу одамна, богатите жени од благородништвото често носеле сложени фустани со копчиња и закопчувачи, толку сложени што им требала помош за да се облечат.
Некои историчари веруваат дека копчињата биле поставувани така што на слугата му било полесно да ја закопча облеката, што ги одразувало класните разлики.
Околу 90 проценти од луѓето се деснораки, па левата страна му помагала на оној што стои спроти вас
Кога слугинка стоела директно пред благородничка за да ја облече, копчињата на левата страна на жената што ја носи облеката биле совршено поставени за слугинката да ја користи својата доминантна десна рака и да ги внесе во отворите за копчиња. Ако се обидете да закопчате јакна на пријател или на плишана играчка додека стоите спроти нив, точно ќе видите зошто ваквиот распоред толку многу и ја олеснувал работата на слугинката.
Мажите, од друга страна, најчесто се облекувале сами. Затоа кошулите, панталоните и униформите биле дизајнирани со закопчувања што носителот лесно можел сам да ги управува, што значело копчиња на десната страна за да може да ги закопча со сопствената десна рака.
Мечот на левиот колк можеби влијаел врз тоа како се затворале машките палта
Машката облека била обликувана од секојдневна практичност и функција.
На пример, некои историчари укажуваат на воените традиции како можено влијание врз поставувањето на копчињата. Мажите често носеле мечеви на левата страна и ги извлекувале со десната рака. Насоката во која се затворале јакните, кошулите и панталоните можела да помогне ткаенината да не се закачи и да не пречи.
Во фабриките од раниот 19 век, старите страни станале стандард
Откако облеката почнала да се изработува во фабрики во раниот 19 век, брендовите имале потреба од постојани дизајни. Фабриките најдобро функционираат кога кроевите се стандардизирани, па традициите со копчињата останале на место, дури и кога луѓето заборавиле како започнале.
Кога патентите станале популарни во раните 1900-ти години, компаниите за облека едноставно се држеле до истите обичаи за тоа како треба да се затвора машката и женската гардероба. Наместо да создаваат сосема нови правила, многу производители ги задржале истите кроеви што ги користеле за копчињата. Така патентите често завршиле следејќи ја истата „насока“ како постарите затворачи на облеката.
Денес дизајнерите се откажуваат од правилото лево за жени, десно за мажи
Се повеќе брендови создаваат унисекс и родово неутрална облека наменета за секого, а многу дизајнери повеке не го следат старото правило за лева и десна страна. Тоа е само модна традиција, нема причина патентите и копчињата да мора да бидат на различни страни кај мажите и жените.
Сега е поприфатливо да се прекршат старите правила за тоа на која страна треба да стојат копчињата или патентите. Ако сами си шиете облека, можете да ги ставите затворачите, било да се копчиња, патенти, дрикери, врвки, велкро или дури нешто ново што сами ќе го измислите, каде што сакате.




Коментирај анонимно