Со клоци, удари и закани Пандора Таскова од Кочани била исфрлена од штипска фирма во која работела непријавена
Четириесетгодишната Пандора Таскова од Кочани тврди дека била физички нападната и насилно отстранета од кругот на компанија во близина на селото Нов Караорман, откако пријавила наводни неправилности во работењето на фирмата во која е вработена веќе четири години.
Според нејзините наводи, подолг период се соочувала со навреди, притисоци и несоодветен однос на работното место. Таа вели дека додека телефонски разговарала и ги пријавувала проблемите со кои се соочува, дел од вработените реагирале бурно, обвинувајќи ја дека со своите постапки им ја загрозува егзистенцијата.
Таскова тврди дека на местото пристигнала и сопственичката на фирмата, која, според неа, ѝ упатила закани и предупредувања дека ќе се кае за своите постапки. Дополнително, таа обвинува дека минатата година сопственикот на компанијата ѝ давал несоодветни предлози од лична природа, кои таа ги одбила.
Во својата изјава, Таскова посочува и на наводни неправилности поврзани со превозот на работниците, тврдејќи дека во возилата често се превезуваат повеќе лица од дозволеното. Таа наведува и дека работниците работат во тешки услови, а дел од нив, според неа, не биле соодветно осигурени.
Кулминацијата на настанот, како што раскажува Таскова, настанала кога неколку лица физички ја нападнале со удари и клоци со цел да ја отстранат од кругот на фирмата. Таа тврди дека притоа добила и сериозни закани по нејзината безбедност.
И покрај инцидентот, Таскова останала во близина на објектот до доаѓањето на полицијата, барајќи случајот официјално да биде евидентиран. Таа апелира надлежните институции да ги испитаат нејзините наводи и да преземат соодветни мерки.
Од компанијата засега нема официјален став во врска со обвинувањата изнесени од Таскова.
Доколку сакате добра акција или пак забегани и жестоки случки само за најхрабрите читатели, тогаш посетете го каналот Жестоко. Предупредување: Содржините може да ве вознемират!

Коментирај анонимно