Лина Ѓорческа влезе во историјата: првата македонска тенисерка што ќе игра на главниот турнир на Вимблдон
Лина Ѓорческа денеска направи историски исчекор за македонскиот тенис. Со победа во третото и последно квалификациско коло на Вимблдон, таа се пласираше на главниот турнир и за прв пат во кариерата ќе игра во главна жрепка на грен слем турнир.
Таа е првата македонска тенисерка на која ќе ѝ се случи тоа.
Успехот има тежина што оди подалеку од еден резултат. Вимблдон не е само еден од четирите грен слем турнири во тенисот. Тој е и неофицијалното светско првенство, најпрестижниот турнир на тревна подлога во светот.
Анхела Фита Болуда, Франциска Жорге и Лучија Бронзети беа трите врати до главната жрепка
Ѓорческа, моментно 223. на ВТА ранг-листата, го почна патот низ квалификациите на 23 јуни против Шпанката Анхела Фита Болуда, тенисерка рангирана десет места подобро. Лина доминираше на тревата и победи со убедливи 6-2, 6-4 за само еден час и 20 минути.
Во второто коло, противничка беше Португалката Франциска Жорге, рангирана на 226. место. Мечот тргна тешко: Ѓорческа го загуби првиот сет со 5-7. Но во продолжението целосно ја презеде контролата на теренот, ги доби следните два сета со 6-2 и 6-1, и по два и пол часа игра стигна до пресврт-победа.
Денеска, во третото и одлучувачко коло, Ѓорческа застана пред Италијанката Лучија Бронзети, тенисерка рангирана на 127. место, речиси сто позиции подобро од Македонката. Тоа не ја спречи Лина. Со одличен и контролиран настап, Ѓорческа победи со 6-1, 6-2 за само 75 минути игра.
По неуспешните обиди во 2017, 2024, Мелбурн и Париз, овој пат паднаа сите три пречки
Ѓорческа имала и претходни обиди да се пробие до грен слем турнир. Во 2017 и 2024 година настапувала на квалификациите за Вимблдон, но секој пат испаѓала во првото коло.
Годинава, дополнително, се обидела и во квалификациите за Австралија опен во Мелбурн и за Ролан Гарос во Париз, без успех.
Овој пат сите три препреки беа поминати убедливо. Со победата над Бронзети, Ѓорческа се пласираше во главниот турнир на Вимблдон и стана прва Македонка во историјата која ќе настапи во главна жрепка на грен слем турнир.
За македонскиот тенис, ова е момент што ќе се памети долго.

Lina e primer na kontinuirano prestavuvanje na MK niz cel svet so svoeto prisustvo,a na mnogu turniri i so uspesi,za zal malku ceneta.SO SREKA LINA
Коментирај анонимно