Турска пеачка ја изведе нашата „Мома Катерина”: иселеничкото семејство од Виничани кое 70 години подоцна се сети на македонските корени
Турската пеачка Гамзе Матрачи објави нов музички спот за песната „Ка ми испаднала Мома Катерина”, традиционална македонска народна песна, во издание на турската музичка куќа Калан Музик.
Од Виничани, Велешко, до Измир
Гамзе Матрачи е родена во Измир во 1987 година, но нејзините корени водат директно кон Македонија. Нејзиното семејство потекнува од селото Виничани, во областа на Велес, од каде во 1957 година се иселило кон Турција, како дел од голем бран на турско население кое го напуштило Македонија во тој период.
Нејзиниот татко, Ајтунч Невзат Матрачи, бил познат кларинетист и една од водечките фигури на балканската музика во Турција. Гамзе растела буквално во музика, пеела покрај татко си уште како дете, и подоцна дипломирала на конзерваториум за турска музика на Универзитетот Еге во Измир.

Кариера посветена на балканската музика
Гамзе денес е призната за една од водечките интерпретатори на балканска народна музика во Турција. Пее на турски, македонски, бошначки, албански, бугарски, српски и грчки јазик. Во 2016 година го издаде својот прв албум „Балкантологија”, сниман делумно во Македонија, во соработка со македонски музичари, меѓу кои брилијантниот Никола Мицевски и кларинетистот Гоце Димовски.
Песната „Ка ми испаднала Мома Катерина” е традиционална македонска народна песна, позната генерации наназад, која раскажува за млада девојка по име Катерина и нејзината убавина која привлекла внимание на едно момче.
Песната е уште еден доказ за тоа како музиката на Балканот патува низ генерациите, границите и јазиците, без да изгуби нешто од својата суштина.


Коментирај анонимно