Во Велушка Тумба кај Породин откриени едни од најголемите неолитски печки за леб во Европа
На археолошкиот локалитет Велушка Тумба кај Породин, во Пелагонија, археолозите открија две големи неолитски печки за леб, кои според нивните димензии се меѓу најголемите досега пронајдени во Европа. За откритието информираа од НУ Завод и музеј Битола.
Годинашните истражувања донеле и две особено значајни откритија со архитектонски и ритуален карактер. Во рамки на Градба 13, покрај печките, биле пронајдени и глинени садови што служеле за мелење жито и подготовка на тесто.

Археолозите посочуваат дека поради нивната големина, но и кревката состојба, печките бараат итна конзервација и дополнителна заштита.
Особено внимание привлекло и откритието на правоаголна структура над една од печките, во чиј јужен агол било пронајдено погребано новороденче, поставено во превртен сад. Според истражувачите, ваков ритуал е исклучително редок за неолитските заедници во Европа и носи силна симболика поврзана со домот, огништето и животот.
Покрај тоа, на локалитетот се откриени и жртвеници, модели на куќи и фигурини, кои сведочат за духовниот и симболичкиот свет на првите земјоделски заедници во Пелагонија. Пронајдени се и камени и коскени алатки, што даваат појасна слика за нивното секојдневие и стопански активности.

Истражувањата се надополнуваат со радиокарбонски, археоботанички и геоархеолошки анализи, кои треба да помогнат во попрецизно датирање на сите фази на населбата, но и во реконструкција на тогашниот начин на живот, исхрана и климатски услови.

Според досегашните сознанија, Велушка Тумба функционирала континуирано неколку стотици години, на почетокот на шестиот милениум пред нашата ера, односно пред околу 8.000 години, при што нови куќи се граделе врз старите, создавајќи тумба висока околу четири метри.
Теренските истражувања ги спроведуваат НУ Завод и музеј Битола и Центар за истражување на предисторијата, во соработка со University of Basel и германски археолошки институции.

Коментирај анонимно