Претставата „Кокошка“ со специјална награда на престижниот фестивал „Kolyada Plays“ во Русија

Претставата „Кокошка“, во продукција на независниот театар Вортекс и копродукција со НУ Театар Комедија, ја освои Специјалната награда од Kolyada Theatre од стручното жири составено од истакнати театарски уметници на XIX Меѓународен фестивал на современа драматургија „Kolyada Plays 2026“, што се одржа во Екатеринбург, Русија.

Со ова признание, претставата ја доби препознатливата фестивалска награда „Метална комета“, во конкуренција на 28 театарски продукции.

Специјалната награда на фестивалот се доделува во форма на метална ѕвезда со опашка – симболично наречена „Метална комета“, заедно со голем клинец, според идејата дека „кометата треба да се заковa за ѕидот за да не одлета“. Автор на овој препознатлив фестивалски симбол е сценографот Владимир Кравцев.

 

 

Фестивалот „Kolyada Plays“ е еден од најзначајните и највлијателни театарски фестивали во Русија и пошироко во Источна Европа, основан во 2008 година од рускиот драмски автор, режисер и педагог Николај Кољада — една од клучните фигури на современата руска драматургија. Неговите текстови се поставувани на сцени низ Европа, а фестивалот со години претставува важна платформа за нова драматургија, авторски театар и меѓународна размена на современи сценски практики.

 

„Кокошка“ е работена по текст на драмскиот автор Николај Кољада, а режијата ја потпишува Теодора Силјаноска. Во претставата настапуваат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Томе Станковски и Кристина Гиева. Костимограф е Марија Пупучевска, соработник за сценско движење Дарко Велиќ, изборот на сценографијата и музиката е на Теодора Силјаноска, а дизајнот на плакатот го изработи Михаил Велески.

Претставата го истражува копнежот по слобода, љубов и соништа во свет што станува сè постуден и поапатичен. Низ апсурд, импровизација и секојдневни ситуации, ликовите создаваат жив театарски чин како обид да се соочат со внатрешниот хаос и нарушените општествени вредности.

„Кокошка“ е приказна за младоста – немирна, искрена и гладна за промени, која се судира со стравот, рамнодушноста и затворените системи. Како џез-импровизатори, ликовите играат против непредвидливото, барајќи простор за надеж, слобода и човечност.

 

Независниот театар Вортекс е колектив посветен на современата изведувачка уметност, интердисциплинарната соработка и општествено ангажираниот театар. Неговите членови развиваат авторски продукции, работилници и меѓународни соработки, истражувајќи физички театар, поетска драматургија и експериментален сценски јазик.

Ова не е прво значајно признание за „Кокошка“. Претставата претходно триумфираше и на 10. издание на PITF „Burbuqe Berisha“, каде што ја освои Наградата за најдобра претстава, додека Биљана Драгиќевиќ-Пројковска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот.

Од следната сезона претставата може да се погледне на малата сцена на Театар Комедија.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *