Наместо на депонија – старите фудбалски дресови во Штип стануваат ранци, торби и капи: Македонската компанија „Депакон“ им дава втор живот
Македонската компанија „Депакон“ од Штип им дава нов живот на отпишаните фудбалски дресови и спортска опрема, претворајќи ги во ранци, торби, капи и модни додатоци со комерцијална вредност.
Додека глобалната текстилна индустрија се соочува со сериозен проблем на отпад, оваа штипска фабрика преку рециклирање и редизајн на материјали нуди одржливо решение кое веќе добива примена и на меѓународен пазар.

Содржина:
Дејан Павиќ и ФЦ88 тргнале од договорите што бараат уништување на опремата
Идејата започнала пред неколку години, кога „Депакон“ заедно со партнерската организација „ФЦ88“ воспоставиле контакти со фудбалски клубови и национални репрезентации, раскажува сопственикот на компанијата, Дејан Павиќ.
„Кога ќе се смени спонзорот или клубот ќе добие нов производител на спортска опрема, постојните дресови и друга спортска опрема ја губат својата комерцијална вредност и честопати, според договорните обврски, мора да бидат уништени. Пред неколку години, ФЦ88 воспостави соработка со овие клубови и им предложи, наместо да ја уништуваат неискористената спортска опрема, да ја предадат за понатамошна преработка. Наместо да заврши како отпад, материјалот се претвора во нови производи, добивајќи втор живот“, објаснува Павиќ.

Два пара шорцеви стануваат помала чанта, еден пар завршува како капче
Во работилницата, отпишаните дресови од фудбалски клубови и репрезентации се претвораат во практични производи. Од материјалот се изработуваат ранци, торби, капи и други предмети кои ја задржуваат врската со спортската опрема од која потекнуваат.
За една голема торба се потребни три дресови, а за една помала чанта се користат два пара шорцеви. За капче, на пример, употребен е еден пар шорцеви, објаснува Павиќ.
„Јасно се гледа дека во капата се вградени детали од оригиналните шорцеви, со што се зачувани препознатливите елементи од нивниот оригинален дизајн“, додава Павиќ.

Околу 20 милиони парчиња текстилен отпад остануваат по едно светско првенство
Во „Депакон“ моментно работат на колекција од дресови кои се носат на Светското првенство во фудбал и се подготвуваат за периодот по завршувањето на првенството.
Павиќ вели дека токму големите спортски настани најјасно ја покажуваат големината на проблемот со текстилниот отпад.
„Кога ќе им објасните на луѓето дека по едно светско првенство остануваат околу 20 милиони парчиња текстилен отпад, тогаш почнуваат да ја сфаќаат вистинската големина на проблемот. Ние нудиме решение за тој предизвик и верувам дека досега нашата работа е исклучително добро прифатена“, вели Павиќ.

Од отпишана опрема до пример за циркуларна економија во Македонија
Наместо фудбалските дресови и спортската опрема да ја изгубат вредноста со промена на спонзор, производител или сезона, во Штип тие стануваат суровина за нов производ.
Со овој пристап, „Депакон“ се позиционира како пример за циркуларна економија и одржливо производство во Македонија. Приказната покажува како текстилниот отпад може да се претвори во предмет со нова употреба, нов пазар и зачувана меморија од теренот.


Коментирај анонимно