Роботакси во САД повикало полиција: Тинејџери пиеле алкохол и пукале со играчка пиштол во возило без возач
Автономно роботакси на компанијата „Вејмо“ во американската сојузна држава Калифорнија самостојно повикало полиција откако во возилото биле забележани двајца 15-годишници кои консумирале алкохол и пукале со играчки пиштол што исфрла водени гел-топчиња (Orbeez).
Според полицијата во Сан Матео, системите на возилото го детектирале сомнителното однесување, по што роботаксито безбедно застанало на паркинг во близина на Ел Камино Риал и автоматски ги известило надлежните служби. Кога полициските екипи пристигнале на местото, ги извеле двајцата малолетници од возилото и утврдиле дека користеле играчка што испукува гел-топчиња, а не вистинско огнено оружје.
Од полицијата нагласија дека, иако не станувало збор за вистински пиштол, ваквите играчки можат да предизвикаат паника кај минувачите бидејќи лесно може да се помешаат со вистинско оружје. Дополнително, испукувањето проектили кон луѓе или возила може да предизвика повреди и материјална штета.
Инцидентот претставува и прекршување на правилата на „Вејмо“, кои не дозволуваат малолетници да се возат без придружба на возрасно лице, ниту пак консумирање алкохол, пушење или употреба на други недозволени супстанци во нивните автономни возила.
Настанот брзо стана вирален на социјалните мрежи, бидејќи уште еднаш ја покажа способноста на автономните возила не само да превезуваат патници, туку и автоматски да реагираат при небезбедно или незаконско однесување, запирајќи го возилото и известувајќи ја полицијата.

Коментирај анонимно