„Досадно ми е“ – пилот со пробен лет испиша порака на небото, а за награда доби слободен ден

Пилот на мал авион во Велика Британија направи необична шега за време на пробен лет – со движењето на леталото на небото ја испиша пораката „Досадно ми е“.
Авионот „Пајпер Томахок“ на компанијата „Равенеир“ полетал од Ливерпул, а неговата необична рута над Вирал, Чешир и Северен Велс била забележана преку апликацијата FlightRadar24.
Од компанијата потврдија дека станувало збор за инструктор по летање кој изведувал тест-лет по замена на дел од моторот. Оперативниот директор Вејн Барет изјави дека пилотот покажал голема вештина, бидејќи било потребно прецизно управување за да ја „нацрта“ пораката во воздухот.
„Можеби му било здодевно бидејќи летот бил само проверка, но за да ги испише зборовите морал максимално да се концентрира“, изјавил Барет.
Од компанијата порачаа дека пилотот нема да биде казнет, а по необичниот лет добил слободен ден. Авионот безбедно се вратил во хангарот.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *