Министерката Божиновска дел од приказна за производство на еко хулахопки во Чешка
„Живее како енергетски консултант, а одржливата мода за неа е главно хоби“. Вака чешкиот „Репортер магазин“ пред точно 10 месеци ја портретира Сања Божиновска, промовирајки го нејзиниот еколошки бренд на хулахопки и чорапи „Божици“.
Денес министерката за енергетика, рударство и минерални суровини се дистанцира од таа приказна. Таа тврди дека бизнисот не е нејзин, туку дека им помагала на пријатели од Македонија да го прошират во Чешка.
Во анкетниот лист, покрај недвижности во станови вредни над еден милион евра, Божиновска пријавила и сопственост на компанијата „Sustainable services“ со седиште во Чешка.

Содржина:
- Компанијата пријавена во анкетниот лист нема дејност во енергетиката
- На 10 јули 2024 управувањето му е доверено на Томе Атанасов
- Адресата Вархулкова 1582/24 се појавува и кај биоразградливите хулахопки „Божици“
- Името „Божици“ дошло од реченицата „божествени хулахопки“
- На прашањата од 5 август одговорот е дека тоа бил бизнис на пријатели
- Фотографијата од декември 2021 ја прикажува Божиновска на штандот на „Božonky“
- Во јавноста е претставена како енергетски експерт, а не како име од модната индустрија
Компанијата пријавена во анкетниот лист нема дејност во енергетиката
Од 2018 година до периодот пред да стане министерка, Божиновска во биографијата наведува дека била „независен енергетски консултант во областа на енергетски проекти и инвестиции, проекти за соларни централи, работела на проекти за обновливи извори на енергија и дека основала фирми во Централно источна Европа и Западен Балкан“.
Но, чешката компанија што лично ја поседува, според нејзиниот одговор, не е поврзана со тој сектор.
„Фирмата е регистрирана според чешката легислатива на 1 октомври 2007 година и во нејзината дејност не влегува никакво производство ниту пак активности во доменот на енергетиката. Примарниот фокус на фирмата се консултантските услуги и недвижностите“, вели министерката Божиновска за РСЕ.
„Sustainable services s.r.o“ е регистрирана за изнајмување, купување, продажба и управување со недвижен имот, трговија на големо и мало, советодавни и консултантски активности, подготовка на експертски студии и проценки.

На 10 јули 2024 управувањето му е доверено на Томе Атанасов
Документите што ги обезбеди РСЕ покажуваат дека нецели две недели пред да ја пријави компанијата во Државната комисија за спречување на корупцијата, Божиновска се повлекла од управителската функција.
Со изјава заверена на нотар и со печат од чешката амбасада во Скопје, управувањето со компанијата во Чешка му го доверила на Томе Атанасов, сопственик на компанијата за мебел „Југоекспорт стил“.
Промената е направена во Македонија. Наместо Сања Божиновска, управител на „Sustainable services s.r.o“ станува Томе Атанасов.
Компанијата го добила сегашното име на почетокот на јануари 2024 година. Од регистрацијата во октомври 2007 година до пред шест месеци се викала „SBMK reality, spol. s.r.o.“. Основачкиот влог бил 200.000 чешки круни, односно 482.106 денари.

Адресата Вархулкова 1582/24 се појавува и кај биоразградливите хулахопки „Божици“
Истата чешка адреса на „Sustainable services s.r.o“ е наведена како контакт за седиштето на брендот „Божици“, односно „Božonky“, кој продава биоразградливи хулахопки и чорапи.
Според објавите во чешките медиуми, Божиновска започнала моден бизнис со идеја да воведе поинаков пристап во производството на облека за жени. Концептот бил хулахопки и чорапи што се распаѓаат за три до пет години, наместо класичните чиј период на распаѓање е речиси еден век.
Во интервјуто за чешкиот „Репортер магазин“, објавено во октомври 2023 година, воведот гласи вака.
„Хулахопките се елегантна работа, но и извор на фрустрација за многу жени. По две-три носења, хулахопките завршуваат во губре. Што е исто така нееколошки, бидејки на обичните хулахопки им требаат сто години за да се разградат. Сето ова сакаше да го промени Сања Божиновска. И измислила хулахопки, трајни хулахопки од разградлив материјал, кои исто така не ја чешаат кожата“.

Името „Божици“ дошло од реченицата „божествени хулахопки“
Божиновска во истото интервју раскажува како започнала идејата и како брендот го добил името.
„Седев во кафуле со пријател и други познаници, а една госпога ни кажа дека тоа се „божествени хулахопки“. Затоа решив дека тие ке бидат „Божици“. На почетокот ми изгледаше малку чудно, бидејки се презивам Божиновска. Но, на крајот помислив зошто да не. Така ке биде скратеното име на божествените хулахопки и од моето презиме“, одговара Божиновска во интервјуто.
За пласманот на пазарот, таа кажува дека продажбата расте со почетокот на есента, дека бројот на клиентки се зголемува и дека се планира проширување на продажбата во Словачка.
Во артикл објавен во август 2022 година на веб страницата на „Божици“, Камила Водочодска, наведена како коосновач на брендот, пишува дека производството тогаш се одвивало во Македонија, а во иднина би сакале да го преселат во Чешка.
На прашањата од 5 август одговорот е дека тоа бил бизнис на пријатели
РСЕ испрати прашања до министерката за производството на брендот „Божици“ и дали изработката се уште се одвива во Македонија или целосно е преселена во Чешка.
Во одговорот Божиновска вели дека во нејзината компанија „Sustainable services“ нема никакво производство, ниту активности во енергетиката, и дека примарниот фокус се консултантските активности и недвижностите. Таа наведува и дека од 2007 до 2024 година фирмата немала никакви трансакции со Македонија.
Таа негира дека нејзината компанија произведува биоразградливи хулахопки и вели дека бизнисот не е нејзин.
„Мои пријатели имаа идеја за ширење на бизнисот од Македонија и сакав да помогнам во нивната намера преку мојата компанија во Чешка бидејки сум поборник за еколошки органски и биоразградливи продукти. Македонски производ преку Чешка да стигне во Европа. Помошта се однесуваше на помагање на бизнисот оваа година со поставување на интернет страница за продажба и промовирање на брендот. Од наредната година веке самите ја продолжуваат оваа приказна“, вели Божиновска во одговор до РСЕ.
Сепак, таа не кажува која е фирмата во Македонија и чиј е бизнисот за производство на биоразградливите хулахопки.
Фотографијата од декември 2021 ја прикажува Божиновска на штандот на „Božonky“
Ставот дека таа само помагала се судира со информациите од интервјуто во чешкиот „Репортер магазин“, каде се зборува за целиот производствен процес на брендот.
Дополнително, на страницата bozonky.cz Божиновска лично ги промовира хулахопките на штанд на настан во Чешка.
„Најголемиот и најпосетуван викенд настан во Чешка, каде не само што можете да ги видите делата и дизајнот на авторот, туку и да ги купите. Ова е изборно продажно шоу и Božonky беа дел од пазарот на 12-ти и 13-ти декември 2021 година“, пишува како дополнување на фотографијата.
„Божици“ ги рекламира производите во различни бои и дезени на официјалната веб страница, како и на Фејсбук и Инстаграм. Мегу понудата на чорапи до колена и хулахопки е споделено и интервјуто во кое Божиновска го промовира брендот.
Проверката на Фејсбук страницата „Bozonky.cz“ покажува дека е креирана на 6 септември 2021 година. Според податоците од социјалната мрежа, во моментот страницата ја управуваат тројца луѓе, двајца од Македонија и еден профил од Чешка.
Во јавноста е претставена како енергетски експерт, а не како име од модната индустрија
Во професионалното портфолио Божиновска нема наведено искуство или активен бизнис во модната индустрија. Во македонската јавност е претставена како долгогодишен експерт од областа на енергетиката.
„Сања е исклучителен експерт и европски експерт и сум срекен што ја имам како соработник во мојот тим“, изјави на 1 јули премиерот Христијан Мицкоски.
На 26 јули, РСЕ објави дека македонските институции, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Царинската управа и МЕПСО, имаат покренато три различни постапки за прекршување на законите. Тие се однесуваат на „Руднап ДООЕЛ Скопје“, фирма керка на српската „Руднап Груп“, каде Божиновска била извршен директор, и на „ЕНГ Сервице Траде“, македонска фирма во која Божиновска била една од двајцата сопственици.
Во 2017 година државната МЕПСО објави дека фирмата на Божиновска „ЕНГ Сервице Траде“ направила долг од 700 илјади евра за преземена, а ненаплатена електрична енергија. Од МЕПСО рекоа дека за „ЕНГ Сервице Траде“ е активирана банкарска гаранција, а доспеаните и неплатени фактури се директно дадени на извршување кај надлежен извршител.
Ниту државната компанија, ниту Божиновска не открија дали долгот е подмирен.
Смеењето е најслатко кога е на своја сметка. Дознајте какви несекојдневни работи се случуваат во секојдневниот живот на Македонците на каналот Македонски несекојдневни ситуации. Испратете своја смешна слика или видео овде.

Коментирај анонимно