69 години од смртта на Методија Андонов – Ченто: Првиот претседател на АСНОМ кој се залагаше за обединета Македонија
Поминаа 69 години од смртта на Методија Андонов – Ченто, првиот претседател на АСНОМ и една од најзначајните личности во современата македонска историја. Ченто остана запаметен како политичар кој отворено се залагал за поголеми права на Македонија во рамките на тогашната Југославија, како и за обединување на Македонија со Пиринскиот и Егејскиот дел.

Според историските сведоштва, во мај 1944 година Ченто, заедно со Емануел Чучков и Кирил Петрушевски, на средба со Јосип Броз Тито побарал директно обединување на македонските територии. Иако Тито првично начелно се согласил со идејата, подоцна го променил ставот, оценувајќи дека „не е време“ за таков чекор и дека треба да се почекаат поповолни околности.
Ченто се залагал Македонија да има поголема политичка и финансиска самостојност во рамките на новата федерација. Бидејќи неговите барања не биле прифатени, на 14 март 1946 година самиот поднел оставка од функциите во АСНОМ и се повлекол во родниот Прилеп.

Истата година тој јавно се спротивставил и на испраќањето на Македонците на Сремскиот фронт, став што го поддржал и Емануел Чучков. Набргу потоа, во јули 1946 година, Ченто бил уапсен. На судскиот процес против него сведочеле Панта Марина, Лазар Мојсов и Коле Чашуле, а бројни историчари сметаат дека доказите биле монтирани и дека целиот процес бил политички мотивиран. Тој бил осуден на 11 години затвор.

Последните години од животот ги минал во тешки затворски услови, најмногу во Идризово, каде што сериозно му се влошило здравјето. Поради тешката болест бил предвреме ослободен, но починал на 24 јули 1957 година, на 55-годишна возраст.
Децении подоцна, независна Македонија започна поинаку да ја вреднува неговата историска улога. Во 1990 година Врховниот суд ја поништи пресудата против него, оценувајќи дека процесот бил политички мотивиран. Денес Методија Андонов – Ченто се смета за еден од симболите на борбата за македонската државност и за човек кој своите политички убедувања ги платил со слободата и со сопствениот живот.
Смеењето е најслатко кога е на своја сметка. Дознајте какви несекојдневни работи се случуваат во секојдневниот живот на Македонците на каналот Македонски несекојдневни ситуации. Испратете своја смешна слика или видео овде.

Коментирај анонимно