X

Интервју со психологот Натали Смилевска: Зошто Македонците живеат во постојан страв?

Секојдневно сме бомбардирани со негативни вести – прес-конференции на ВМРО и СДСМ, конфликти, кризи, страв. Резултатот? Милион и триста илјади рецепти за диазепам годишно, само во Македонија. Но дали навистина немаме избор, или сами дозволуваме негативноста да стане наша секојдневна рутина?

За ова разговаравме со Натали Смилевска (www.natalismilevska.com), дипломиран психолог и холистички терапевт, чија мисија е да им помогне на луѓето да се ослободат од анксиозноста и секојдневниот стрес. Во ова интервју зборуваме за тоа зошто мозокот не прави разлика помеѓу физичка и медиумска опасност, колку опасни се навистина лековите за смирување, и дали е можно да се биде информиран без да се биде преплашен.

1.Вие советувате „исклучете ја негативната содржина”, но што ако проблемот не е во нашата волја, туку во тоа што буквално нема алтернатива? Дали навистина е избор кога сите телевизии цел ден емитуваат исти негативни вести?

Проблемот на денешното време е што негативноста стана дел од нашата секојдневна рутина. Порано човек можеше да слушне лоша вест и таа да заврши таму. Денес истата вест се повторува десетици пати, се анализира, се коментира, се споделува и постепено станува дел од нашиот внатрешен свет.

Кога велам „изберете што гледате“, не мислам дека треба да живееме во некој балон и да ги игнорираме проблемите. Напротив, човекот треба да е информиран. Но постои голема разлика помеѓу информираност и постојана изложеност на страв.

Нашиот мозок не е создаден да прима илјадници сигнали за опасност секој ден. Кога постојано слушаме за конфликти, кризи и проблеми, нервниот систем почнува да живее како постојано да сме во опасност.

Па затоа, можеме да одлучиме што ќе пуштиме да стане дел од нашиот секојдневен внатрешен дијалог.

2.Секој ден по неколку пати имаме прес-конференции од ВМРО и СДСМ, обично со взаемни обвинувања. Дали мислите дека токму политичарите свесно ја одржуваат таа „анксиозна атмосфера” затоа што им одговара граѓаните да бидат вознемирени и поделени?

Не би сакала да навлегувам во претпоставки за нечии намери, затоа што само тие самите можат да кажат што им е мотивот. Но она што како психолог можам да го кажам е дека комуникацијата базирана на постојан конфликт има реален психолошки ефект врз луѓето.

Кога една заедница долго време е изложена на пораки на страв, поделби и непријателство, се создава колективна напнатост. Луѓето почнуваат да гледаат на светот низ филтер на закана наместо низ филтер на можности.

Најголемата опасност не е само една лоша вест, опасноста е кога конфликтот станува нормална атмосфера во која растеме, живееме и воспитуваме деца. Мозокот не прави разлика дали опасноста е физичка или информативна-тој реагира на стрес.

3.Многу млади Македонци на социјалните мрежи секојдневно прикажуваат само „совршен” живот – нови автомобили, патувања, скапи брендови, „успех” преку ноќ – содржина која навидум изгледа позитивна и мотивирачка, но всушност создава лажни стандарди и чувство дека твојот живот не е доволно добар. Како еден млад човек да се заштити токму од ваков тип содржина, кога тешко е да ја препознае како негативна – напротив, изгледа инспиративно, а всушност го труе на истиот начин како и класичните лоши вести?

Ова е можеби една од најголемите замки на модерното време, не секоја негативна порака изгледа негативно. Некогаш најголемата штета не ја прави содржината која не плаши, туку содржината која не тера да се чувствуваме недоволни.

Еден млад човек кога гледа туѓ успех, туѓо патување, туѓа совршена врска, туѓ совршен изглед, несвесно почнува да го споредува туѓиот “најубав момент” со својата секојдневна реалност. Но она што го гледаме на социјалните мрежи најчесто е само избор, а не целата приказна. Не сите луѓе го објавуваат целиот пат до успехот вклучувајќи ги и падовите, стравовите, несигурностите и борбите.

Мој совет е да се запрашаш: „Дали ова ме инспирира или ме прави да се чувствувам помалку вредно?“ Ако нешто те инспирира да растеш тогаш тоа е прекрасно, но ако некоја содржина ти прави притисок, завист или незадоволство тогаш таа содржина не ти служи.

4. Мотика е единствениот медиум во Македонија што објавува исклучиво позитивни вести. Од психолошка гледна точка, дали тоа е здрав „детокс” за колективниот ум на нацијата, или е бегство од реалноста слично на тоа што го опишувате кога луѓето „се преправаат дека проблемите не постојат”?

Верувам дека на колективниот ум му е потребен баланс.

Замислете еден човек кој цел ден јаде само нездрава храна и потоа се прашува зошто нема енергија. Истото се случува и со психата. Позитивната содржина не значи негирање на реалноста. Ако секојдневно ја храниме психата само со страв, конфликт и негативност, не треба да се чудиме зошто повеќето од времето се чувствуваме исцрпено, нервозно и фрустрирано.

Бегство е кога велиме „нема проблеми“, додека исцелување е кога велиме „постојат проблеми, но постои и добро, постои решение, постои надеж“.

На луѓето не им треба лажен оптимизам, туку им треба потсетување дека реалноста не е составена само од најлошите вести.

5.Вие зборувате за лична одговорност – „изберете да не гледате”. Но дали е фер целиот товар да падне на граѓанинот да се „заштитува”, наместо медиумите и политичарите да преземат одговорност за тоа што го создаваат и шират?

Не верувам дека одговорноста треба да падне само на едната страна. Живееме во систем каде секој има своја улога. Медиумите имаат огромна моќ, а со тоа и огромна одговорност. Начинот на кој се пренесува една информација може да информира, но може и да создаде страв. Не е исто да кажете „постои проблем“ и „сѐ пропаѓа“.

Но исто така, како возрасни луѓе, ние мора да ја вратиме моќта во свои раце. Не можеме да му дадеме на надворешниот свет целосна контрола врз нашето внатрешно расположение.

Кога зборувам за лична одговорност, не мислам на вина. Не значи „ти си виновен што си анксиозен“, туку „имаш моќ да направиш нешто за себе“.

Можеби не можеме да го смениме целиот систем преку ноќ, но можеме да почнеме од едно прашање: Што внесувам секој ден во мојата свест и дали тоа ми помага да бидам подобра верзија од себе?

6.Ако цел ден слушате исклучиво критики, обвинувања и „ние сме подобри од нив” реторика од двете политички страни, а немате ниту една позитивна вест на телевизија – можете ли воопшто да зборувате за „ментален мир” во едно такво општество, или тоа е привилегија што малкумина можат да си ја дозволат?

Менталниот мир не значи дека околината е мирна. Ако чекаме целиот свет да стане совршен за да бидеме добро, тогаш го предаваме нашиот мир во рацете на нешто што не можеме целосно да го контролираме. Вистината е дека човекот отсекогаш живеел со неизвесност. Разликата е во тоа како нашиот ум се однесува кон таа неизвесност.

Можеме да бидеме свесни за проблемите во општеството, да бидеме одговорни граѓани и сепак да имаме внатрешна стабилност. Менталниот мир не е отсуство на проблеми, туку способност да не дозволиме проблемите да станат единствената приказна што си ја раскажуваме за животот.

7.Дали некогаш имавте клиент кој дошол кај Вас со анксиозност директно поврзана со политичка криза, избори или медиумска паника? Што им кажувате ним конкретно?

Да, имало луѓе кај кои општествените случувања и медиумската изложеност биле фактор што ја засилувал анксиозноста.

Но она што е важно да се разбере е дека најчесто надворешниот настан не е единствената причина. Тој само допира до нешто што веќе постои внатре во човекот, како страв од губење контрола, несигурност за иднината, чувство дека нема моќ.

Во такви ситуации прво работиме на враќање на чувството на сигурност.

Ги прашувам: „Што навистина е во твоја контрола денес?“ Затоа што анксиозноста често се храни од обидот да контролираме нешто што не е наше да го контролираме.

Можеме да имаме мислење, можеме да гласаме, можеме да бидеме активни граѓани, но не мора секој ден да го носиме целиот товар на светот на нашите рамена.

8.Ако би советувале уредник на телевизиска станица, кои три промени во начинот на известување би ги побарале веднаш, за да не ја „труе” публиката секој ден?

Прво, би побарала повеќе баланс. Реалноста не е само она што не плаши. Реалноста се и луѓето кои создаваат, помагаат, успеваат и прават добри работи. Да се известува за проблемите, но кога е можно да се понуди и контекст или можни решенија.

Второ, би побарала помалку сензационализам. Човечкиот мозок природно реагира на опасност, но постојаното засилување на стравот не значи подобро информирање. Да се намали со драматичните наслови кои непотребно го активираат стравот.

Трето, би побарала повеќе одговорност кон психичкото здравје на публиката. Медиумите не се само пренесувачи на информации, туку тие се дел од средината која го обликува колективното расположение.

Како што секојдневно се трудиме да внимаваме што јадеме и внесуваме во нашето физичко тело, треба да внимаваме и со што го храниме нашиот ум.

9.Мислите ли дека постојаната изложеност на негативни вести од ВМРО-СДСМ пресовите создала кај Македонците колективна анксиозност која веќе ја земаме за „нормална” и не ја препознаваме како проблем?

Мислам дека постои таков ризик. Кога човек долго време живее во стрес, тој може да престане да го препознава како нешто ненормално. Телото се навикнува на напнатоста, умот се навикнува на грижата, а човек почнува да мисли: „Таков е животот“.

Но хроничниот стрес не е природна состојба за човекот. Тој е сигнал дека нешто треба да се промени.

Најопасно е кога ќе почнеме да веруваме дека постојаната грижа е доказ дека сме одговорни. Понекогаш луѓето мислат: „Ако не се грижам, значи дека не ми е гајле“.

А всушност, може да ни биде гајле и без да се уништуваме однатре.

10. Статистиките се вознемирувачки: лани биле издадени над милион и триста рецепти за диазепам во Македонија, а милионска е бројката и за друга терапија пропишана за депресија или анксиозност, и овој тренд континуирано расте со години. На Запад овие лекови се строго мониторирани и лимитирани токму поради високиот ризик од зависност, додека кај нас често се земаат олеснето, речиси како „бонбончиња”. Од психолошка и медицинска гледна точка, колку всушност се опасни овие лекови и зошто создаваат зависност толку лесно кај луѓе кои мислат дека тоа е безопасно решение за секојдневна анксиозност?

Важно е да имаме балансиран пристап. Овие лекови не се „лоши“, туку се создадени за да помогнат и во одредени ситуации можат да бидат многу важни.

Проблемот настанува кога нешто што треба да биде помош во одреден период станува единствениот начин на кој човек се справува со своите емоции.

Особено кај дел од овие лекови како диазепамот постои ризик од развивање толеранција и зависност, поради што нивната употреба треба да биде внимателно следена од лекар.

Но мора да зборуваме и за коренот на проблемот. Ако човек секогаш само го „гаси алармот“, а никогаш не проверува зошто алармот се активира, причината останува.

Психотерапијата, работата со психолог и работата на мисловните обрасци, емоционалната регулација и животните навики се важен дел од долгорочното закрепнување.

11. За крај, едноставно прашање: Која е формулата за среќа?

Не верувам дека постои универзална формула за среќа. За мене, среќата не е состојба во која секогаш сме насмеани, туку чувство на внатрешен мир.

Таа доаѓа кога сме во согласност со себе, кога не живееме според туѓите очекувања и кога учиме дека животот не мора да биде совршен за да биде убав.

Најголемата слобода е да не дозволиме надворешниот хаос да ни стане внатрешен хаос. Токму таму, според мене, започнува вистинската среќа.

Коментирај анонимно

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *