Во Охридското Езеро годинава ќе бидат пуштени 1,6 милиони охридски пастрмки
Планираното порибување носи зголемување од околу половина милион единки во однос на минатата година. Станува збор за ендемичната охридска пастрмка, вид што е неразделен дел од природното богатство и биолошката разновидност на езерото.

Албрим Хоџа во Хидробиолошкиот завод ги следеше подготовките пред порибувањето
Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Албрим Хоџа ја соопшти информацијата при посетата на установата во Охрид. Таму се запозна со процесот на вештачко размножување на охридската пастрмка, заедно со претставниците на Државниот инспекторат за земјоделство, Мирко Укоски и Арбнор Арифи.

Министерството ја става пастрмката меѓу приоритетите за заштита на езерото
Од Министерството посочуваат дека обновувањето на популацијата останува меѓу задачите на институциите, со оглед на значењето на овој автохтон вид за Охридското Езеро.
„Охридската пастрмка е едно од најголемите богатства на нашето езеро и нејзината заштита е наша заедничка одговорност“, истакна Хоџа.
Институционалната поддршка за вештачко размножување, порибување и заштита ќе продолжи и во наредниот период, со цел зачувување на видот и неговата природна популација во езерото.


Коментирај анонимно