„Сета тага на Кочани во една тишина“: Емотивна премиера на „Добри луѓе“ на Манчевски во Сараево
Документарниот филм „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски, посветен на трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, ја имаше својата светска премиера на 32. Сараевски филмски фестивал, каде што е дел од официјалната документарна конкуренција.
По завршувањето на проекцијата во салата не следувал веднаш аплауз. Завладеала долга и тешка тишина, која, според присутните, траела како цела вечност. Дури потоа публиката избувнала во силен аплауз.
„Во оваа громогласна тишина се собра сета тага на Кочани што ја почувствува светот“, изјави Манчевски.
По проекцијата се одржал и разговор со публиката, воден од селекторката Рада Шешиќ, во кој учествувале Манчевски, директорот на фотографија Иван Ивановски, како и дел од луѓето чии сведоштва се дел од филмот – преживеани од пожарот во „Пулс“.

Снимен само еден месец по трагедијата
„Добри луѓе“ е снимен со минимална филмска екипа, само еден месец по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 млади луѓе.
Манчевски го снимил филмот со сопствени средства, како почит кон жртвите и преживеаните. Во него зборуваат луѓе кои ја преживеале трагедијата, но и „тивките херои“ кои во најстрашните моменти се обидувале да спасат човечки животи.
Филмот намерно е направен со крајно едноставен и воздржан визуелен пристап, без обиди дополнително да се драматизираат сведоштвата.
„Одлучив ‘Добри луѓе’ да биде екстремно аскетски, строг и минималистички, за да го избегнеме искушението за филмска манипулација. Го тераме гледачот директно, лице в лице, да се соочи со зборовите и лицата на хероите и на жртвите“, објасни Манчевски во интервју за „Варајати“.
Неговата намера, како што вели, била на преживеаните да им даде простор самите да зборуваат за она што го доживеале и нивните сведоштва да останат зачувани и за идните генерации.

„Ова не може да биде вистина“
Силните реакции продолжиле и по излегувањето од салата. Дел од гледачите раскажале дека сведоштвата на преживеаните не престанувале да им се вртат во глава.
„Ова не може да биде вистина“, била мислата на еден од гледачите додека ги слушал приказните за она што се случувало во кобната ноќ. Друг го опишал филмот како „прекрасен, радикален, полн со човечност, речиси трансцендентен во својата суштинска едноставност“.

Манчевски вели дека токму непосредното сведоштво на луѓето од Кочани било суштината на филмот.
„Мораме да ја забележиме вистината и да се надеваме дека нема да се повтори. Често има премногу бучава, а премалку вистина. Луѓето кои ја доживеаја оваа трагедија и семејствата кои изгубија блиски имаат право директно да се слушне нивниот глас, нивните емоции и размислувања. Ова не е само документарен филм, туку и документ“, вели режисерот.
За него приказната за Кочани не е само локална трагедија.
„Ниту една трагедија не е локална. Болката, гневот и тагата се универзални. Ме интересира добрината на луѓето. Колку сум постар, сè ми е појасно дека хероите не се војсководци, туку добрите луѓе.“

Целиот приход е наменет за жртвите во Кочани
„Добри луѓе“ е реализиран со приватни средства на Манчевски преку „Банана филм“, без финансиско учество на Агенцијата за филм, во соработка и со поддршка на „Сапорт Кочани“.
Манчевски, продуцентите и дистрибутерите се откажале од добивката, а целиот приход од филмот е наменет за жртвите во Кочани.
Монтажер на филмот е Мишко Чунихин, директор на фотографија Иван Ивановски, музиката е на Игор Василев – Новоградска, а извршни продуценти се Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и Лудовико Кантисани.
По светската премиера во Сараево, македонската публика ќе може да го погледне „Добри луѓе“ на 23 август на фестивалот „Македокс“ во Скопје.
Смеењето е најслатко кога е на своја сметка. Дознајте какви несекојдневни работи се случуваат во секојдневниот живот на Македонците на каналот Македонски несекојдневни ситуации. Испратете своја смешна слика или видео овде.

Коментирај анонимно