Снимка од свадба во Ужице го запали интернетот: Вака изгледа вистинска српска свадба
Петнаесетина секунди, шатор, клупи, трубачи и песната „Dotakni me“ од Митар Мириќ беа доволни една свадбена снимка од Ужице да стане вистински хит на социјалните мрежи во Србија.
Видеото веќе има повеќе од 1,5 милиони прегледи на X, а корисниците почнаа да прават и мемиња и GIF-ови од главните „актери“.
А тие се четворица момци од бендот Bunker UE, кои очигледно тој ден решиле инструментите малку да ги остават настрана и целосно да ѝ се препуштат на атмосферата.
Кадарот изгледа како внимателно режирана сцена, иако токму спротивното е она што го направи вирален. Еден од момците води сериозен телефонски разговор додека околу него грмат музика и трубачи, друг во шарена кошула и со капче веќе е во свој свет, трет емотивно го доживува секој стих, а младоженецот очигледно лично се пронашол во песната.
Еден од најпопуларните коментари под снимката гласи: „Кустурица не може ова да го состави ни во цел филм.“
Инаку, според луѓе запознаени со локалните обичаи, снимката не е од самата свадбена прослава, туку од моментот кога сватовите дошле по невестата.
Откако видеото стана вирално, се огласија и момците од Bunker UE. За огромното внимание велат дека луѓето виделе само мал дел од нивниот поглед на животот, а приказната за легендарниот кадар станува уште подобра со нивното објаснување дека сè настанало по три ракии.

Коментирај анонимно