Европа остана без камионџии, а Македонија може да остане без возачи: Почнува битката за искусен кадар
Европскиот транспорт влегува во период во кој камионите имаат товар, договорите чекаат, но зад воланот нема доволно луѓе. Секторот сѐ повеќе се насочува кон професионални возачи од земји надвор од Европската Унија, меѓу нив и од регионот на Западен Балкан.
Според податоците на Меѓународната унија за патен транспорт, ИРУ, во Европа во 2025 година недостигаа околу 502.000 возачи на товарни возила. Тој број не е само статистика, туку сигнал дека веќе обучените возачи од Македонија стануваат сѐ побарани на пазар каде што компаниите бараат готов кадар, а не луѓе што допрва треба да се обучуваат.

До 2030 година 660.500 професионални возачи ќе заминат во пензија
Притисокот врз европските превозници допрва ќе расте. Проценките покажуваат дека до крајот на деценијата стотици илјади искусни возачи ќе излезат од работниот процес, токму во време кога транспортот станува уште позависен од стабилна и достапна работна сила.
Две третини од европските транспортни оператори веќе пријавиле дека поради недостигот на возачи биле принудени да одбијат нови деловни договори. Затоа европските компании сѐ поагресивно регрутираат веќе обучени професионалци од трети земји.
ИРУ и Европската комисија интензивно работат на нови модели за полесна интеграција на странските возачи. Тоа вклучува побрзо признавање на квалификациите и поедноставување на административните процедури, што дополнително го олеснува заминувањето на кадарот што земјите од регионот веќе го подготвиле.

Македонските превозници предупредуваат дека може да заминат и возачите и целите компании
За Македонија и за целиот регион ова отвора сериозен ризик од масовен одлив на искусни професионалци. Возачите во земјите од Европската Унија, покрај значително повисоките примања, добиваат и подобри работни услови, предвидлив распоред и поголема лична сигурност.
Од ИРУ предупредуваат дека висината на платата повеќе не е единствениот пресуден фактор. Исклучително важни стануваат и условите за одмор во кабините, безбедното паркирање и времето поминато со семејството.
Македонските превозници бараат итни мерки за подобрување на условите во домашното стопанство и олеснување на работата на професионалните возачи во Шенген-зоната. Во спротивно, ризикот од заминување на искусните возачи и преселување на цели транспортни компании во земјите од ЕУ ќе продолжи да расте.


Коментирај анонимно