Кина има план како да го освои светот на автомобилите: воведува нови драстични стандарди за батерии со 15.000 циклуси на полнење
Кинеската влада подготви сеопфатен државен план за периодот 2026–2030 година, со кој поставува извонредно високи стандарди за батериите во електричните и хибридните автомобили. Целта е јасна: целосна глобална доминација во автоиндустријата, преку технологија што треба да го смени темпото на целата индустрија.

Содржина:
До 2030 година Пекинг сака масовна примена на цврсти батерии во автомобилите
Стратегискиот план е изработен од Министерството за индустрија и информатика на КНР во соработка со уште шест други државни ведомства. Во неговото средиште е преминот кон цврсти батерии, односно солид-стејт технологија, која нуди значително поголема густина на енергија и повисока безбедност во споредба со традиционалните батерии со течен електролит.
Главниот фокус е ставен на надминување на постојните технички пречки што досега го кочеа нивното масовно производство: слабата јонска спроводливост, деградацијата при интензивно полнење и празнење, како и високите трошоци на производство. За таа намена ќе се воведе посебно индустриско опремување со преси со висок притисок и температура.

15.000 циклуси за класичните литиумски батерии и само неколку дефекти на милијарда ќелии
За класичните литиумски батерии, кинеските власти поставуваат амбициозна цел: работниот век да се зголеми до дури 15.000 циклуси на полнење и празнење.
Дополнително, од водечките кинески производители се бара драматично да ја подигнат прецизноста и да ги намалат фабричките дефекти на ниво од само неколку единици на милијарда произведени ќелии.
Паралелно со ова, Кина развива и натриум-јонски батерии. За да ја намали зависноста од увоз на суровини, државата ќе ја интензивира сопствената експлоатација и преработка на литиум и кобалт.

„Батериски пасоши“ за секоја батерија и фабрики за рециклирање и надвор од Кина
Важен сегмент од новиот план е посветен на одржливоста и екологијата. Во кинеската автоиндустрија ќе се воведе дигитална идентификација и т.н. „батериски пасоши“, кои ќе содржат комплетни податоци за потеклото на материјалите и за јаглеродниот отисок на секоја батерија.
Производителите ќе бидат законски обврзани да организираат ефикасни системи за собирање на истрошените батерии, соодветно на обемот на нивната продажба. Најголемите компании ќе добијат државни стимулации да градат фабрики за рециклирање и надвор од Кина.
Првите комерцијални партии на цврсти батерии ќе се појават и пред 2030 година. Кинескиот батериски џин CATL планира нивно комерцијално лансирање веќе околу 2027 година. Поради почетната висока цена, тие најнапред ќе се вградуваат во луксузните електрични модели, по што, со зголемувањето на производството, постепено ќе станат достапни и за масовниот пазар.

Коментирај анонимно