Не сите бегства бараат добро осмислен план: Притвореник изведе необично бегство од полициска станица во Бразил
Необичното бегство се случило на 26 септември во Централната полициска станица во Флоријанополис, во бразилската сојузна држава Санта Катарина. Мажот бил уапсен само неколку часа претходно поради семејно насилство, а надзорните камери го снимиле моментот кога успеал да излезе од ќелијата и да ја напушти полициската станица.
Станува збор за 39-годишниот Ерик Селестино Гомес. Според локалните медиуми, тој бил уапсен по инцидент во автомеханичарска работилница во населбата Пантанал, каде што наводно ги нападнал својата партнерка, нејзината 20-годишна ќерка и момчето на девојката. Полицијата соопштила дека при интервенцијата бил во алкохолизирана состојба, не ги почитувал наредбите и морале да употребат бибер-спреј за да го совладаат.
Самото бегство траело околу една минута. Откако успеал да излезе од ќелијата, Гомес дури се вратил по чевлите, ги зел и потоа мирно ја напуштил станицата преку главниот излез.
По бегството полицијата започнала потрага и побарала судот да му одреди притвор. Ќелијата од која избегал веднаш била затворена за употреба, а полицијата најавила и нејзина реконструкција за ваков случај да не се повтори. До последните објавени информации на 28 септември немало потврда дека мажот е повторно уапсен.

Коментирај анонимно