„Чевлите се прават од стиропор и нафта“: Блогер отвори прашање за квалитетот на скапите обувки, но и на сè што денес купуваме
Еден пар обувки со лепак што излегува од пукнатините стана повеќе од обична поплака за лош производ. Преку нив, познатиот блогер Том (@SideMoneyTom) го отвори прашањето како купувачите плаќаат високи цени, а добиваат се помалку квалитет, не само во храната, туку и во облеката и обувките.

Содржина:
Хамбургерите се помали, пакувањата бисквити полесни, а сумата на рафтот не се менува
Купувачите ширум светот се почесто се соочуваат со феноменот наречен „скринкфлација“ (shrinkflation). Производителите ги намалуваат димензиите и грамажата на производите, додека цената останува иста. Ова се забележува кај брзата храна, но и во продавниците, каде што пакувањата веќе не нудат исто количество како порано. Компаниите сметаат дека луѓето полесно ќе ја пропуштат скриената загуба отколку јасното покачување на цената.
Видеото на Том собра повеќе од половина милион гледања
Но, уште поалармантен облик на истиот проблем се појавува во индустријата за облека и обувки. Том (@SideMoneyTom), кој снима видеа за производи за широка потрошувачка, јавно ги прозва големите производители на чевли за падот на квалитетот додека цените остануваат високи. „Не сум јас виновен што денес чевлите се прават од стиропор и нафта. Тоа се гледа на секој чекор — дури и кај модели кои чинат над 100 долари може да се види лепак што истекува од пукнатините на стиропорот“, вели тој во видеото гледано над половина милион пати.
Гумениот ѓон ја држи формата, пената ја губи поддршката
Според неговото објаснување, се повеќе познати брендови ги заменуваат традиционалните гумени ѓонови со евтина пена. Гумата обезбедува долготрајност, стабилност и носење без брзо пропаѓање. Пената, пак, се деформира многу побрзо, па обувките стануваат непрактични по краток период. За компаниите, тоа значи поголем профит: купувачите мора повторно да се вратат во продавница и да купат нов пар.
Дури и брендовите за работна облека преминаа на пена
Овој избор е особено необичен кај компании кои со децении се граделе врз имиџ на издржливост и долговечност. Модните експерти посочуваат дека вината не е само кај производителите. Дел од проблемот е и во навиките на потрошувачите, кои во време на инфлација одбиваат да платат повисока цена. За да ја задржат истата продажна цена, компаниите штедат токму таму каде што најмногу се чувствува разликата — во материјалите.
„Чевлите се само врвот на ледениот брег“
Последицата е тивка, но длабока: цела нова генерација купувачи веќе речиси и да не знае како изгледа и какво е чувството да се носи навистина квалитетна обувка или облека. „Квалитетот на сѐ оди во провалија, а цените одат нагоре. Проблемот е што многумина од нас едноставно се навикнаа на тоа и продолжуваат да купуваат, дозволувајќи им на компаниите да ни продаваат ѓубре. Чевлите се само врвот на ледениот брег“, заклучува тој.

Коментирај анонимно