Тесла планира да испушта 13 пати повеќе отровни материи во воздухот и тоа веднаш до основно училиште!
Според најновите извештаи на калифорнискиот медиум „SFGate“, фабриката на компанијата „Тесла“ во градот Фримонт, Калифорнија, бара официјален пат за значително поголемо испуштање честички од тешки метали во околината. Во непосредна близина има густо населена станбена зона, но најсилната загриженост доаѓа од фактот што веднаш до фабричкиот комплекс се наоѓа основното училиште „Лила Брингхрст“.

Содржина:
Родителите добиле известување со зборови како „модификација“ и „намалување на влијанието“
Родителите на децата кои го посетуваат училиштето за медиумите изјавија дека локалната агенција задолжена за регулација на квалитетот на воздухот, Bay Area Air District, испратила нејасно и нецелосно известување со кое се обидела дискретно да ги информира за планираниот скок на штетните емисии.
Иако фабриката на „Тесла“ бара дозвола за зголемување на вкупните суспендирани честички, во пораката до родителите не бил јасно опишан размерот на барањето. Многумина од нив воопшто не го добиле ниту го виделе тој мејл, туку за драматичниот скок дознале од независен блог објавен од анонимен човек.
Тој објавил дел од силно цензуриран инженерен извештај
На блогот бил објавен дел од инженерен документ доставен од самата агенција за воздухот. Според тврдењата во објавата, токму во тој материјал било прикриено барањето на „Тесла“ за тринаесеткратно зголемување на загадувањето.
Таквиот начин на информирање дополнително ја зголеми недовербата кај родителите и соседите, бидејки станува збор за податоци поврзани со воздухот што го дишат децата, наставниците и жителите во околината на фабриката.
„2,2 килограми суспендирани честички на секој час“
„Она што јасно е наведено е дека на ‘Тесла’ ќе ѝ биде дозволено да испушта по 2,2 килограми суспендирани честички на секој час по одобрувањето на овие апликации. На ‘Тесла’ ќе ѝ биде дозволено да испушти повеќе од 21 тон годишно во атмосферата само од овие погони. Ова вклучува исклучително токсични метали како арсен, берилиум и кадмиум“, се наведува во објавата.
Токму оваа бројка го претвори административното барање во прашање за јавно здравје: што точно ќе значи такво зголемување за населбата и за училиштето веднаш до фабриката?
„Не сакам моето дете да биде затруено“
Сознанието предизвика голем револт кај родителите и локалните жители, кои сега бараат итни одговори и одговорност не само од раководството на „Тесла“, туку и од локалните регулатори задолжени да го штитат здравјето на граганите.
„Загадувањето на воздухот е реална опасност што може да предизвика сериозни долгорочни здравствени проблеми. Не сакам моето дете да биде затруено, не сакам јас да бидам засегната, ниту пак сакам децата на другите луѓе да страдаат“, изјави загрижена мајка чие дете учи во блиското училиште.

Коментирај анонимно