Ги сместиле своите домови под огромни карпи, а камењата ги претвориле во ѕидови и покриви: Во ова необично село секоја куќа е приказна за себе
Замислете да имате земјиште на кое сакате да изградите семејна куќа, но на него стои огромна карпа која е невозможно да се помести. Најверовjатно веднаш би се откажале од градење или би побарале друго, порамно место. Меѓутоа, во едно необично португалско село жителите со векови го правеле токму спротивното.
Наместо да ги отстрануваат карпите, тие околу нив ги граделе своите куќи, ги претворале во цврсти носечки ѕидови, а некои карпи послужиле дури и како готов покрив. Резултатот е населено место во кое природата и делото на човечките раце толку длабоко се испреплетуваат што е тешко да се препознае каде завршува едното, а каде започнува другото.

Содржина:
- Монсанто стои високо над рамнините, недалеку од границата со Шпанија
- На едно место карпата е страничен ѕид, на друго цел дом стои под неа
- „Casa de Uma Só Telha“ навистина има само една „ќерамида“
- Во некои соби гранитот не е декор, туку природен ѕид
- Сокаците вртат само таму каде што гранитот дозволува премин
- Афонсо Енрикеш во 12 век им го предал селото на темпларите
- Во 1938 година Монсанто победило како „најпортугалско село во Португалија“
- Сребрениот петел и денес стои на „Торе де Лусано“
Монсанто стои високо над рамнините, недалеку од границата со Шпанија
Станува збор за мало историско место на истокот на Португалија, сместено на стрмна гранитна височинка. Неговата посебност се забележува уште на прв поглед.
Помеѓу камените куќи и тесните сокаци се издигаат џиновски гранитни блокови, некои значително поголеми и од самите градби. Изгледаат како некој џин случајно да ги расфрлал по ридот, а селото потоа да пораснало околу нив.

На едно место карпата е страничен ѕид, на друго цел дом стои под неа
Она што особено фасцинира е начинот на кој локалните жители се приспособиле кон суровиот терен. На некои места гранитниот блок го сочинува целиот страничен ѕид на домот, на други се наоѓа зад него, додека некои градби се буквално вметнати под надвисната карпа која служи како покрив.
Речиси е невозможно да се најдат две исти куќи. Нивниот облик и големина зависеле исклучиво од формата на карпата што се затекнала на самото градилиште.

„Casa de Uma Só Telha“ навистина има само една „ќерамида“
Можеби највпечатливиот архитектонски пример го носи името „Casa de Uma Só Telha“, односно „Куќа со една ќерамида“. Името звучи по малку духовито, но мошне прецизно го опишува она што реално се наоѓа таму.
Оваа куќа нема класичен покрив со греди и ќерамиди, туку над неа се надвиснува едно огромно парче монолитен гранит. Она за што на друго место би биле потребни илјадници ќерамиди и сложени градежни конструкции, овде природата веќе го завршила милиони години однапред, а човекот паметно го искористил.

Во некои соби гранитот не е декор, туку природен ѕид
Таквиот начин на градење директно влијаел и врз внатрешниот распоред на просториите. Некаде гранитот продолжува директно во ентериерот и претставува природен ѕид на спалната или дневната соба, а на други места целата куќа настанала во тесниот простор меѓу неколку исправени карпи.
Замислете еден од ѕидовите на вашиот дневен престој да биде карпа што стоела на тоа место илјадници години пред воопшто да постои идеја за изградба на дом.

Сокаците вртат само таму каде што гранитот дозволува премин
Ниту улиците во Монсанто не можеле да бидат правилни. Тесните камени патеки кривулат помеѓу куќите и карпите и постепено се искачуваат кон самиот врв.
Понекогаш карпата зазема толку многу простор што куќата изгледа како нејзин мал природен додаток. Сепак, приказната за ова село не е само приказна за необична архитектура и урбанизам. Положбата и изгледот што денес привлекуваат илјадници туристи од целиот свет, некогаш имале далеку посериозна историска намена.

Афонсо Енрикеш во 12 век им го предал селото на темпларите
Близината на шпанската граница со векови му давала исклучително стратешко значење на ова подрачје. Португалскиот крал Афонсо Енрикеш му го предал Монсанто на витешкиот ред на темпларите, кои активно учествувале во одбраната на португалската територија.
Нивниот водач Гуалдим Паис се поврзува со темелната обнова на тврдината на самиот врв од ридот. Денес таму гордо стојат остатоците од средновековниот замок. Од високата положба се отвора непречен поглед врз сите околни рамнини, додека непристапните гранитни карпи претставувале непремостлива природна пречка за непријателите.

Во 1938 година Монсанто победило како „најпортугалско село во Португалија“
Монсанто привлекувало внимание многу пред појавата на социјалните мрежи и интернетот. Неговата автентична архитектура и начинот на живот на мештаните биле доволно фасцинантни за уште тогаш да му донесат највисоко национално признание.
Државниот натпревар бил организиран со цел промовирање на традиционалниот селски живот и португалскиот идентитет. Жирито ги оценувало автентичноста на градбата, зачуваноста на древните обичаи, народните носии и начинот на живот на жителите, а Монсанто особено се истакнало со своите камени куќи, тесните улички и традициите што со генерации верно се пренесувале.

Сребрениот петел и денес стои на „Торе де Лусано“
Интересно е што ваков официјален натпревар бил одржан само еднаш во историјата. Затоа Монсанто ја носи оваа престижна титула веќе со децении и вероватно ќе ја задржи засекогаш.
Како главна награда, селото добило сребрен петел – еден од најпознатите национални симболи на Португалија. Неговата реплика и денес гордо стои на самиот врв од познатата кула „Торе де Лусано“ (Torre de Lucano), како мал знак на едно големо признание за село што не ги победило карпите, туку научило да живее со нив.


Коментирај анонимно