„Убавицата и ѕверот“ навистина постоеле, а нивната приказна ја заледува крвта во жилите: Наместо среќен крај како во бајките, доживеале вистински пекол на земјата
Приказната што денес ја знаеме како бајка има корени постари од Дизни и подлабоки од една романтична легенда. Во 16 век, вистински брачен пар, Кетрин и Петрус Гонсалвус, станал една од најмрачните човечки сенки зад „Убавицата и ѕверот“.
Европските кралеви и кралици ги третирале како природни чудовишта и живи атракции. Нивниот изглед се совпаѓал со измислената двојка, но нивниот живот не личел на бајка. Исто како што П. Т. Барнум во подоцнежните векови собирал необични луѓе за циркуски претстави, така во 16 век европските дворови се натпреварувале во пронаоѓање на најнеобични луѓе за сопствена бизарна забава.
Во познатата верзија на Дизни, Бел е интелигентна убавица со силен карактер која се вљубува во маж проколнат да изгледа како ѕвер. Вљубените ја кршат клетвата и живеат среќно до крајот на животот. Но во животот на Петрус и Кетрин немало магија што можела да се скрши, ниту крај што можел да се нарече среќен.

Содржина:
- На 10 години Петрус бил ставен во железен кафез и хранет со сурово месо
- Анри Втори очекувал „дивјак“, а добил момче што течно зборувало латински
- Катерина де Медичи ја избрала невестата и не ѝ кажала кого ќе види пред олтарот
- Седум деца, четири со хипертрихоза, години носени од палата во палата
- Во Парма четири деца биле одземени од родителите и подарени како живи миленици
На 10 години Петрус бил ставен во железен кафез и хранет со сурово месо
Вистинскиот „Ѕвер“ — иако мразел така да го нарекуваат — бил човек по име Петрус Гонсалвус. Роден е во 1537 година на Канарските Острови и имал ретка наследна состојба поради која лицето и телото му биле прекриени со густи влакна. Наместо како кон човечко суштество, кон него се однесувале како кон „див шумски човек“.
Приказните за „диви луѓе“ биле длабоко вкоренети со векови. Ги сметале повеќе за животни отколку за луѓе — варвари што живеат на работ на цивилизацијата. Поради неговиот изглед, сите претпоставувале дека младиот Петрус не е целосно човек.
Во 1547 година бил испратен во Франција како жив подарок за кралот Анри Втори по повод неговото крунисување. Штом пристигнал, бил затворен во темница заради набљудување. Дворските лекари и учени луѓе го прегледале и заклучиле дека пред нив не стои диво животно, туку преплашено десетгодишно момче со лице и екстремитети прекриени со меки, густи влакна. Петрус им го кажал своето родно име, а Французите подоцна го преиначиле од Педро Гонзалес во Петрус Гонсалвус.

Анри Втори очекувал „дивјак“, а добил момче што течно зборувало латински
Францускиот крал одлучил Петрус да добие дворско образование. Во неговите очи тој сè уште бил суштество за кое не се очекувало дека може да учи, па успехот бил однапред отпишан. Но младиот Петрус го вчудовидил дворот кога течно го совладал латинскиот јазик и ги усвоил највисоките аристократски манири.
Откако ги побил предрасудите, станал редовен член на кралскиот двор. Но и понатаму бил третиран како куќен љубимец во човечки облик. Бидејќи претставувал исклучителна реткост — див човек што може да се образува — му било дозволено да носи благородничка облека и да јаде готвена храна. Наводно и самиот крал искрено го засакал, што во 16 век се сметало за огромна чест.
Сепак, неговата улога останала сурова: природна сензација чија цел била да ги воодушевува посетителите на палатата. Како што џуџињата биле држени на европските дворови заради забава, така и Петрус бил изложуван како атракција.
Сликарот Агостино Карачи го прикажал на портрет заедно со уште двајца дворјани, полугол и наметнат само со парче крзно, за да се нагласи неговиот статус на „див човек“. Портретот го носел насловот „Влакнестиот Анри, Лудиот Петар и Малиот Амон“.
Петрус бил првиот медицински забележан случај на хипертрихоза во историјата — ретка генетска мутација што предизвикува прекумерен раст на влакна по целото тело. Од средниот век до денес, во медицинската литература се документирани само околу 50 вакви случаи.


Катерина де Медичи ја избрала невестата и не ѝ кажала кого ќе види пред олтарот
По смртта на Анри Втори, неговата сопруга Катерина де Медичи станала кралица регент на Франција. Позната по суровоста и интригите, таа сметала дека би било крајно забавно да му договори брак на Петрус, но решила идната невеста да не дознае апсолутно ништо за изгледот на својот сопруг.
Својата „Убавица“ ја пронашла во младата девојка која исто така се викала Катерина. Таа била ќерка на еден од дворските слуги, а кралицата со нетрпение чекала да види какви деца ќе родат „Убавицата“ и „Ѕверот“. Катерина де Медичи се надевала дека преку овој експеримент ќе создаде нова генерација кралски миленици.
Кога на младата Катерина ѝ било соопштено дека наскоро ќе се омажи, немало начин да се одбие царската наредба. Таа не насетувала што ја чека на венчавката. Точната прва реакција не останала запишана, но се зборувало дека невестата во почетокот била скршена од ужас.
Средбата со човек целосно прекриен со влакна пред свештеникот била шок од кој тешко се закрепнува. Сепак, со текот на времето, гледајќи ја неговата благост, манири и интелигенција, Катерина почнала искрено да го сака Петрус. Нивниот брак траел цели 40 години.

Седум деца, четири со хипертрихоза, години носени од палата во палата
Набргу по венчавката, Катерина и Петрус добиле две деца, а ниедно од нив ја немало состојбата на таткото. За кралицата Катерина тоа веројатно било разочарување, бидејќи нејзиниот експеримент не го донел посакуваниот резултат. Но следните две деца се родиле прекриени со влакна и за европското благородништво тоа веднаш станало сензација.
Семејството Гонсалвус вкупно имало седум деца. Четири ја наследиле хипертрихозата. Дворовите биле фасцинирани, па со години ги воделе низ палатите низ континентот за да ги покажуваат пред љубопитната аристократија.
Во осумдесеттите години на 16 век, семејството било принудено да позира за официјални портрети во скапоцена аристократска облека. Научниците и природњаците ги проучувале децата како биолошки експерименти, а познатиот природњак Улисе Алдрованди детално ја опишал нивната осумгодишна ќерка како „чудо на природата“.


Во Парма четири деца биле одземени од родителите и подарени како живи миленици
Кога семејството се преселило во Парма, Италија, под закрила на војводата Ранучо Фарнезе, таму ги дочекала најголемата трагедија. Војводата одлучил четирите влакнести деца да им ги подари на свои влијателни пријатели благородници како живи подароци и миленици. Децата биле брутално одземени од прегратките на нивните родители.
Ниту еден портрет од децата родени без влакна не е зачуван, бидејќи за аристократијата тие биле „обични“ и не претставувале никаков интерес.
Иако Петрус и Кетрин биле во брак 40 години, нивниот заеднички живот бил исполнет со непрестајна тага. Живееле меѓу благородници, облечени во свила, но немале слобода над сопствената судбина. Во биографијата на Петрус, историчарот Робер Запери ги опишува како луѓе кои „не биле ниту заробеници, ниту слободни луѓе“.
Додека бајката на Дизни завршува со вечна љубов и радост, никој со сигурност не знае како завршил животот на Петрус и Кетрин. По преселбите од двор на двор, на крајот се повлекле во малото италијанско село Каподимонте. Во локалните матични книги стои дека Кетрин починала во 1623 година. За смртта на Петрус нема официјален запис — веројатно затоа што во црковните книги биле запишувани само оние што ги примиле последните свети тајни, а црквата се сомневала дали тој воопшто има „човечка душа“.
Дури и во смртта, со него постапиле како со ѕвер, а не како со човек. Токму затоа Дизни морал целосно да ја преправи оваа потресна вистина за да создаде детска бајка.


Коментирај анонимно