Италијански новинар во 1992 година пронашол девојче меѓу урнатините во Сараево и го однел во Италија: Му станала ќерка, а потоа пристигнале вести што им ги скршиле срцата
Среде воениот ужас во Сараево, додека гранатите одземале животи, а семејствата се разделувале без надеж дека повторно ќе се сретнат, италијанскиот новинар Франко ди Маре запознал девојче кое засекогаш ќе му го промени животот.
Имал 35 години кога одлучил да ја извлече од воениот пекол и да ѝ даде топол дом, не насетувајќи дека токму тоа дете, како што подоцна самиот велел, всушност ќе го спаси него.
Постојат средби што траат само неколку мигови, а сепак одредуваат цел човечки живот. Таква средба се случила во 1992 година, во град што тогаш минувал низ еден од најтемните периоди во својата историја.

Содржина:
- Граната врз сиропиталиштето и очите по кои Ди Маре повеќе не можел да замине сам
- Со Црвениот крст Стела излегла од опколениот град и влегла во домот на Франко и Алесандра
- „Јас сум сарајлија“ напишал човекот кој бил роден во Неапол
- „Не ме прашувај зошто“ станало одговорот што Франко не можел рационално да го објасни
- На 17 мај 2024 година веста за мезотелиомот го затвори кругот на една воена приказна
Граната врз сиропиталиштето и очите по кои Ди Маре повеќе не можел да замине сам
Франко ди Маре дошол во Босна и Херцеговина како воен репортер на италијанската државна телевизија РАИ, со задача на светот да му ја пренесе вистината за војната. Во Сараево ја сретнал Стела, девојче од дом за деца без родители.
Имала едвај година и пол, била се уште во пелени и не можела ни да ја разбере опасноста што ја опкружувала. Домот во кој се наоѓала бил директно изложен на воени дејствија.
Години подоцна, присетувајќи се на моментот кога првпат ја видел, Ди Маре зборувал за чувство кое не можел да го објасни ниту со новинарска прецизност, ниту со животно искуство.
„Бев во Сараево и падна граната врз сиропиталиштето. Ги видов очите на малото девојче и веднаш се разбравме“, раскажа своевремено тој.
Во тие очи препознал нешто поради кое повеќе не можел едноставно да се сврти и да продолжи по својот пат.

Со Црвениот крст Стела излегла од опколениот град и влегла во домот на Франко и Алесандра
Новинарот одлучил да направи се што е во негова моќ за да го извлече девојчето од воениот пекол. Со помош на Црвениот крст успеал да организира нејзино згрижување и легално посвојување, по што Стела започнала нов живот во Италија.
Тогаш бил во брак со Алесандра. Заедно и дале семејна топлина, сигурност и детство какво што воените околности не и дозволувале.
Иако јавноста во него гледала човек кој спасил едно дете, Франко на целата приказна гледал поинаку. Никогаш не сакал себеси да се претставува како херој, туку постојано истакнувал дека Стела нему му донела многу повеќе отколку што тој можел да и даде нејзе.
„Имав 35 години и Стела во одреден момент од животот ме спаси мене. Стела ме натера да ја запознаам верата и да кажам дека Бог постои“, велел новинарот.
Франко ди Маре бил познат како сериозен, одмерен и исклучителен професионалец, човек кој во текот на кариерата сведочел на бројни трагедии и известувал од најжешките воени жаришта во светот. Но кога зборувал за Стела, неговата вообичаена воздржаност отстапувала место на чисти емоции.

„Јас сум сарајлија“ напишал човекот кој бил роден во Неапол
Девојчето што првите месеци ги поминало во разурнато Сараево израснало во Италија, далеку од камерите и медиумите што го следеле нејзиниот татко. Стела подоцна дипломирала економија, а родителите настојувале да и обезбедат мирен приватен живот, без нејзината животна приказна да се изложува на сензационализам.
Дури и кога бракот на Франко и Алесандра подоцна завршил, нивната заедничка родителска грижа никогаш не престанала. Останале длабоко поврзани преку љубовта кон Стела.
Сараево за Франко никогаш не било само локација од каде што испраќал воени извештаи. Градот останал длабоко врежан во неговиот идентитет. Во својата книга „Не прашувај зошто“ (Non chiedere perché), инспирирана од военото искуство и средбата со девојчето, ги напишал зборовите: „Јас сум сарајлија.“
Објаснувал дека е роден во Неапол, дека нема двојно државјанство и не го зборува јазикот на народот со кој поминал месеци во војната, но дека животот засекогаш го поврзал со нивниот град.
„Моите корени се наоѓаат во водите на Позилипо и Миљацка, станав човек на улиците на Мерџелина и во сокаците што се качуваат кон Бјелаве“, напишал тој, поврзувајќи ги Неапол и Сараево во едно срце.
Зборувајќи за сарајлиите, истакнувал дека длабоко го потресла нивната солидарност и способност да ја сочуваат љубовта кон животот среде најтешкото страдање.
„Никогаш во животот не сум доживеал таква лекција за човечноста, која се случуваше на едно место и во едно време“, велеше тој.

„Не ме прашувај зошто“ станало одговорот што Франко не можел рационално да го објасни
За време на промоцијата на својот роман, Франко често се соочувал со прашањето зошто одлучил да посвои дете токму од Сараево. За човек кој целиот живот барал факти и одговори, тоа било едно од ретките прашања на кои немал рационален одговор.
„Би можел да ви дадам милион одговори, но ниту сите тие заедно не би биле доволни да ја објаснат суштината. Во љубовта нема пресметки“, велел тој.
Кога го пишувал делот за нивната прва средба, уредничката барала повеќе објаснувања за мотивот, а Франко и рекол: „Не ме прашувај зошто“.
Токму тие зборови станале наслов на романот.

Six-year-old Bosnian Almir holds his grandfather’s hand as he views Dobrinja 23 March for the first time since his family fled the Sarajevo neighborhood captured by Serbs in 1992. Dobrinja, one of five neighborhoods held by the Serbs for four years, was on the front line and its houses are devastated by fighting. On the pavement is painted a warning against mines. AFP PHOTO Odd ANDERSEN,Image: 68496252, License: Rights-managed, Restrictions: , Model Release: no , Credit line: ODD ANDERSEN / AFP / Profimedia
На 17 мај 2024 година веста за мезотелиомот го затвори кругот на една воена приказна
Животната приказна на Франко ди Маре и неговата ќерка Стела доби тажен епилог кога угледниот италијански новинар почина на 68-годишна возраст.
Боледуваше од мезотелиом, тешко малигно онколошко заболување што најчесто ја зафаќа плеврата, односно белодробната обвивка. Болеста била последица од вдишување азбестни честички за време на воените известувања од разурнатите градови.
За Стела тоа значеше загуба на човекот што и подари живот, љубов и сигурност кога целиот нејзин свет се распаѓаше. А Франко до својот последен здив остана благодарен, уверен дека всушност таа мала девојка му го спасила животот.
Пораката на нивната приказна останува вечна. Семејството не го одредува само крвта, туку љубовта на оние што ќе не најдат кога ни е најтешко и ќе изберат да останат со нас засекогаш.
За повеќе информации за превенција, современи терапии и стручни совети за онколошките заболувања, посетете го порталот cancer.mk.

Коментирај анонимно